Поблиску до УКЛО: Економски факултет - Прилеп

Поблиску до УКЛО: Економски факултет - Прилеп

Економскиот факултет - Прилеп е високообразовна институција со долга традиција во едукацијата на кадри од областа на економијата и бизнисот. Факултетот динамично се приспособува според потребите и барањата на пазарот на труд и перманентно врши осовременување на студиските програми. За академската 2019/2020 година Економскиот факултет-Прилеп нуди широк спектар на студиски програми од сите три циклуси на студии (додипломски, магистерски и докторски студии) од следниве области: банкарство и финансии, сметководство и ревизија, меѓународен бизнис, менаџмент, маркетинг-менаџмент и е-бизнис.

Студиските програми им обезбедуваат на студентите да се стекнат со применливи знаења, високо ценети од страна на работодавците во јавниот и во приватниот сектор, кои ги отвораат нивните перспективи за успешна професионална кариера во финансиски институции, приватни компании, владини институции и други организации.

prilep

Исто така, Факултетот има воспоставено силни партнерства со високообразовни институции од странство и со корпоративниот сектор како резултат на што студентите можат да реализираат престои во партнерските институции, да следат предавања од еминентни визитинг-професори, да остваруваат посети и пракса во реномирани компании и да спроведуваат многубројни други активности предвидени со договорите за соработка.

Факултетот располага со современи просторни и технички услови за реализација на висообразовниот процес и ги исполнува високите стандарди за организирање квалитетна настава и за реализација на многубројни воннаставни активности на студентите.