Мелазма – за причините, ризик-факторите и терапијата, објаснува д-р Магдалена Иванова

Мелазма – за причините, ризик-факторите и терапијата, објаснува д-р Магдалена Иванова

Мелазмата е честа стекната хипермеланоза на лицето што се карактеризира со симетрична билатерна кафеава пигментација со неправилни граници. Се јавува почесто кај жени отколку кај мажи, главно на возраст меѓу 20 и 40 години и, исто така, почеста е кај потемни кожи кои лесно темнеат и не горат (Fitzpatrick фототип на кожа III и IV). Иако не е опасна за здравјето, може значително да влијае врз самодовербата и квалитетот на живот.

Причини за појава на мелазма

Причините за појава на мелазма се комплекси и не се целосно разјаснети, но се смета дека се работи за состојба предизвикана од сонце кај генетски предиспонирани индивидуи. Пигментацијата настанува како резултат на зголемена продукција на пигмент од страна на меланоцитите (пигментни клетки), кој се акумулира во кератиноцитите (епидермална мелазма) или се депонира во дермисот (дермална мелазма). Епидермалната мелазма е поповршинска и се карактеризира со јасно дефинирани рабови и кафеава боја, додека дермалната мелазма е подлабока со нејасно дефинирани рабови и светлокафеава до сивкава пребоеност.

Фактори што влијаат врз појавата на мелазмата, освен генетскиот фактор (60 % имаат член во фамилијата со мелазма) се следните:

1. Сончева експонираност.
2. Хормонски фактори - бременост, употреба на естроген/прогестеронски орални контрацептиви, хормонзаместителна терапија кај некои видови карциноми, заболувања на тироидната жлезда.
3. Медикаменти (тетрациклини, антималарици, цитостатици) како и некои сапуни можат да предизвикаат фототоксична реакција и појава на хиперпигментации.




Д-р Магдалена Иванова
Клиничка слика:

Во зависност од дистрибуцијата, мелазмата се класифицира како
1. Центрофацијална (65 %) - чело, нос, надусници, образи
2. Маларна (20 %) - нос, образи
3. Мандибуларна(15 %) - брада, долна вилица

Тераписки пристап:

Лекувањето на мелазмата често бара трпение. Резултатите не се постигнуваат преку ноќ и понекогаш е потребна комбинација од повеќе методи.

1. Задолжителна фотозаштита во текот на целата година е основа на секој третман 

Се препорачува употреба на кремови со висок заштитен фактор (спф50 +), нанесени секое утро и обновување на секои 2 часа кога е потребно. Дополнителна заштита обезбедуваат шапки, очила за сонце и избегнување директна изложеност во периодот кога сончевото зрачење е најсилно.

2. Локални агенси за избелување

-Хидрокинон (HQ) е најчесто употребуван избелувач во концентрација од околу 5 %. Несакани ефекти обично се црвенило и иритација кои се повлекуваат по прекин на терапијата со (HQ). Ефектите на хидрокинонот понекогаш се зајакнуваат со додавање на третиноин и кортикостероиди.
-Азелаична киселина во концентрација од 20 %
-Коична киселина, 1-4 %
-Транексемична киселина
-Аскорбинска киселина (вит. Ц 5-10 %)
-AHA и BHA киселини
-Топични ретиноиди
-Екстракти од растенија (арбутин, зелен чај, ниацинамид)



3. Процедурални третмани

-Хемиски пилинзи - површинските AHA и BHA киселини може да помогнат кај епидермалната мелазма, а средно длабоките пилинзи кај дермалната мелазма, но сепак одговорот на мелазмата на хемиските пилинзи е доста непредвидлив. Постои ризик од враќање на мелазмата како резултат на траумата предизвикана од самата процедура.

-Микронидлинг, IPL, ласери вклучувајќи Q-switch-ND Yag, pico ласер се исто така процедури кои се користат во третманот на мелазмата кои исто така носат ризик од релапс и нејзино потенцирање.

Заклучок:

Мелазмата знае да биде доста фрустрирачка и долготрајна за третман и за пациентот и за самиот доктор. Основа на третманите е заштитата од сонце и супресија на меланоцитите. Сончањето е апсолутно контраиндицирано, бидејќи само неколку минути на сонце може да го уништи бенефитот од терапијата која траела со месеци.

Автор: д-р Магдалена Иванова, ЈЗУ „8 Септември“