НАСА објави снимки од нов кратер на Месечината по ударот на ракета на „Спејс екс“

НАСА објави снимки од нов кратер на Месечината по ударот на ракета на „Спејс екс“

НАСА објави анимиран приказ на состојбата пред и по формирањето на кратерот што настанал откако горниот степен на ракетата „Фалкон 9“ удрил во површината на Месечината, на 5 август.

Новите фотографии од сателитот на НАСА кој орбитира околу Месечината откриваат свеж кратер широк околу 18 метри, настанат кога залутаниот ракетен степен на компанијата „Спејс екс“ на почетокот на месецот удрил во површината на Месечината.

Станува збор за горниот степен на ракетата „Фалкон 9“, која првично била лансирана на 15 јануари 2025 година со два комерцијални лунарни модули. Додека првиот степен на ракетата, односно потиснувачот што се користи при полетувањето, се вратил на Земјата, вториот, односно горниот степен, продолжил да ги придвижува роботските летала на нивниот пат кон Месечината.

По завршувањето на мисијата, „Спејс екс“ намерно го отфрлил горниот степен во вселената, но подоцна се покажало дека специфичностите на орбиталната динамика го насочиле ракетниот дел кон патека на судир со Месечината.

Научниците и вселенските агенции побрзале да го документираат местото на ударот откако леталото удрило во Месечината, на 5 август. Меѓу првите што го регистрирале ударот бил многу големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија, сместен во опсерваторијата Паранал во Чиле.

Фотографии на социјалните мрежи објавил и јужнокорејскиот лунарен орбитер за истражување на Месечината, познат како „Данури“

 

Камерите на леталото „Данури“ снимиле фотографии од подрачјето пред и по ударот.

НАСА соопшти дека соработувала со Корејската управа за воздухопловство и вселенски истражувања (КАСА) и ги користела прелиминарните податоци собрани од „Данури“ за да ја насочи камерата со тесен агол на Лунарниот извидувачки орбитер на НАСА и да направи појасни фотографии, кои биле објавени во вторникот.

- За да го снимат местото на ударот, инженерите го навалиле леталото така што неговите камери биле насочени кон кратерот секогаш кога Лунарниот извидувачки орбитер поминувал на околу 97 километри над Месечината, движејќи се со брзина од приближно 1,6 километри во секунда. Орбитерот ја обиколува Месечината од пол до пол на секои два часа, додека Месечината полека се врти под него - наведува НАСА во соопштението додавајќи дека биле потребни 6 дена за орбиталната патека на Лунарниот извидувачки орбитер да се усогласи со местото на ударот, како и дополнително време за обработка на снимките. Фотографирањето на локацијата барало исклучителна прецизност бидејќи доцнење од само 10 секунди можело да доведе до тоа новонастанатиот кратер да биде и до 16 километри надвор од кадарот.

Иако судирот на ракетата не бил планиран, истражувачите од НАСА истакнале дека настанот не претставувал опасност ниту за луѓето на Земјата ниту за самата површина на Месечината.

- Ова не е нешто што особено нè загрижува. Всушност, станува збор за технички прифатен и безбеден метод за отстранување опрема во ниска лунарна орбита - вели Келси Јанг, научник од НАСА.

Јанг додава дека научниците ги користат набљудувањата на овој судир за подобро да ја разберат површината на Месечината и да се подготват за начините на кои ќе ги заштитуваат астронаутите и идната инфраструктура што ќе биде испратена таму.

Извор: Еuronews.rs
Фото: Screenshot/YouTube