„Фејсбук“ снима документарец за Ѓоковиќ на Копаоник

„Фејсбук“ снима документарец за Ѓоковиќ на Копаоник

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Фејсбук“ снима документарец на Копаоник за врвниот тенисер Новак Ѓоковиќ, со кадри од седмата „Другаријада“ што ја организира Фондацијата на српскиот ас.

Повеќечлената екипа пристигнала од Велика Британија, со многу опрема, богато искуство и желба Ѓоковиќ, неговата сопруга и Фондацијата да се претстават пред светот на убав и интересен начин.

На чело на нивниот тим, кој го сочинуваат продуценти, оператори за звук, сниматели и асистенти, е Том Пери од Лондон, а тука е и компанијата „Филм фармерс“ ангажирана од „Фејсбук“. Прв соработник е Сем Клејсон од Саутемптон.

- Нашиот тим и не е толку голем бидејќи вака сме пофлексибилни и побрзо и полесно можеме да направиме снимки. Правиме филм од неколку минути, со фокус на добротворните активности на најдобриот тенисер на планетата. Поминавме неколку прекрасни денови во Бржец, снимајќи ги активностите на Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“. Сè помина одлично, а имаме и одлични снимки каде што Новак и Јелена се дружеа со деца. Навистина сè е беспрекорно, така што многу сме задоволни како напредува снимањето. Корисниците на фејсбук-мрежата ќе можат да го видат материјалот кон крајот на октомври или најдоцна до крајот на годината - истакнуваат Британците.

novak
Фото: novakdjokovicfoundation.org

Ѓоковиќ бил воодушевен од професионалноста, трпеливоста и односот кон децата.

- Дефинитивно, отсега ќе навивам за него кога ќе гледам тенис. Новак е многу фин, опуштен, пријатен и сè што побаравме од него да направи, го направи со леснотија. Среќни сме што соработуваме со таков човек и се надеваме дека ќе имаме можност повторно да снимаме - вели Том.

Со филантропската страна на Новак тимот не бил многу запознаен.

- Знаевме за неговата тениска кариера, но луѓето во Англија генерално не се доволно запознаени со Фондацијата и сè што тој прави за да им помогне на децата, особено во Србија. Така што, беше убаво што видовме што Новак и Фондацијата прават за најмладите - додава Сем.

Тимот од Лондон вели дека е воодушевен од амбиентот на Копаоник.

- Планината е неверојатна, како и целокупната атмосфера на Копаоник. Уживаме во секој момент. Исто така, јасно ни е зошто Новак често го истакнува овој дел од Србија во неговите интервјуа. Им препорачуваме на нашите пријатели да ја посетат вашата земја - заклучуваат Британците.