Како солидарните фрижидери станаа извор на храна за сиромашните жители на Париз

Како солидарните фрижидери станаа извор на храна за сиромашните жители на Париз

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако некогаш останете гладни во 18. округ на Париз, можеби ќе сакате да поминете кај „Ла Кантин ди 18“, кој се наоѓа зад базиликата „Свето срце“. Не за да си купите ручек, туку за да си земете нешто од солидарниот фрижидер на ресторанот.

Тоа е едноставен систем - бизнисите и членовите на заедницата кои имаат спакувана храна која не можат да ја искористат и која инаку би ја фрлиле, ја ставаат во фрижидерот. Луѓето што не можат да си дозволат да си купат храна се добредојдени да си земат од фрижидерот.

Франција во последните години на големо се бори против фрлањето храна. Таа стана првата земја што им забрани на супермаркетите да фрлаат неискористена храна. Од 2017 година Французите фрлаат околу 105 килограми храна по глава жител на годишно ниво. Колку за споредба, во САД тој број изнесува околу 277 килограми.

- Соседите и соседните бизниси донираат храна - објаснува Дунија Мебтол, која раководи со ресторанот и го смислила солидарниот фрижидер.

Таа објаснува дека, на пример, кога некој треба да оди на одмор и има вишок храна, или ако бизнисите не ја продале свежата храна во текот на тој ден, може да оди до солидарниот фрижидер. Во однос на тоа кој ја користи програмата, таа вели дека тоа претежно се мештани. Десетици луѓе секој ден го посетуваат фрижидерот.


За луѓето што сакаат да почнат нивна прехранбена верзија на мала бесплатна библиотека, таа вели дека е важно да се има некој што ќе биде одговорен за фрижидерот, кој ќе го варди и ќе се осигури дека ќе остане чист и корисен за заедницата. Организацијата на Мебтол, „Солидарни фрижидери“, работи со ресторани-партнери од Франција за да постави нови фрижидери, наоѓајќи притоа сопственици на ресторани кои сакаат да ја сменат ситуацијата за гладните луѓе. Има и некои основни правила за нештата што не може да се ставаат во фрижидерите - забранета е готвената храна, онаа со истечен рок и забрането е да се ставаат месо и риба.

Не сите ги поддржуваат ваквите фрижидери. Слични иницијативи во Германија беа жртви на владини мерки кога опонентите велеа дека поради тоа што фрижидерите се отворени за јавноста, тие се бизниси со храна и затоа мора да се во согласност со сите регулативи. Но, француските фрижидери имаа среќа. Покрај тоа што земјата има репутација на регулаторен кошмар, градот Париз е на нивната страна. Всушност, Париз минатата година понуди грант за да финансира 15 нови солидарни фрижидери и секој од нив чинеше 1.435 долари.

Тоа е доказ дека фрижидерите работат. Всушност, се очекува да станат уште поголеми. На 18 јуни 2017 година беше отворен првиот солидарен фрижидер, а сега само во Париз има 19 такви фрижидери, додека во Франција има 38 - број кој се очекува да биде речиси двојно поголем до крајот на годинава.