Поради ненамерни грешки, годишно умираат 2,6 милиона пациенти

Поради ненамерни грешки, годишно умираат 2,6 милиона пациенти

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ненамерната штета за пациентите поради грешки во текот на лекувањето во болниците се појавува кај 8 до 12 отсто од хоспитализираните пациенти. Голем број такви случаи може да се спречат, порачуваат од Светската здравствена организација (СЗО), која ја почнува глобалната кампања за подигнување на свеста за сигурноста на пациентите и создавање сигурна здравствена заштита.

Околу 2,6 милиона смртни случаи годишно се предизвикани од ненамерни грешки во амбулантите и болниците низ светот, објави СЗО. Четири од десет болни лица доживуваат некој вид штетна последица од лекувањето во амбулантите и установите за примарна здравствена заштита, а 134 милиони штетни реакции на лековите секоја година се забележуваат во болниците во средно развиените и неразвиените земји.

Според епидемиолошките податоци, ненамерната штета за пациентите поради грешка во текот на лекувањето во болниците се јавува кај 8 до 12 отсто од хоспитализираните пациенти. Голем број такви случаи може да се спречат, порачува СЗО.

За сигурна здравствена заштита важно е истакнувањето јасни насоки, добра организација, вработување на квалификувани здравствени работници и ефикасно вклучување на болните во грижата за нивното здравје, со оглед на тоа дека анкетите укажуваат на недоволно или проблематично ниво на здравствена писменост кај речиси половина од испитаните Европејци.

Анализата што ја спровела СЗО покажува дека помалата здравствена писменост е поврзана со поризични здравствени избори (како пушењето), поголем број несреќи на работното место, лошо управување со хроничните болести (како дијабетес, инфекција со ХИВ и астма), послабо придржување до препишаната терапија, зголемена хоспитализација и почеста предвремена смрт. Покрај едукација на населението, важно е и подоброто комуницирање со пациентите и персоналот кој работи во здравството. На пациентот мора да му се овозможи слободно да ги прашува лекарите и медицинските сестри за сè што не му е јасно или го интересира. Податоците покажуваат дека дури 60 отсто од анкетираните веднаш по посета на лекар не ги разбираат упатите за земање на препишаниот лек, а во ЕУ просечно 548 лица умираат дневно поради неправилно земање на лекот.