Преспанскиот рај не го личи вака! Честит Светски ден на чистењето!

Преспанскиот рај не го личи вака! Честит Светски ден на чистењето!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Денес е Светски ден на чистењето. Македонија се дави во ѓубре, еколошката свест е засрамувачка, а сценографијата со кеси и смет насекаде околу нас се чини ни стана сосема нормална. Жарче надеж будат граѓанските иницијативи и поединци („Не биди ѓубре“, Еко-герила, Changers4all...) кои помагаат да почне да се менува оваа грда слика, по која веќе станавме препознатливи. Тие се овде за да нѐ подзамислат на моменти и да си кажеме што е тоа што можеме да го направиме и ние за нас. Комуналните служби треба да си ја вршат работата, ама и секој од нас треба да мисли што прави.


Грда слика во близина на плажата во с.Коњско

Една таква грда слика ќе ве здоболи кога ќе го посетите преспанското село Коњско, кое припаѓа на националниот парк Галичица и е најблиското место од каде што може да стигнете до единствениот остров во земјава, Голем Град. Преполни контејнери со натрупано ѓубре несобрано повеќе од еден месец е сликата што прогонуваше речиси цело лето, на двата краја од селото. Иако комуналното претпријатие „Пролетер“ треба да го собира барем еднаш месечно, некогаш ни тоа не се случува. Локалното население негодува дека се создава депонија. Некој што седи подолго време таму, неминовно е да го фрли своето ѓубре во преполнетите контејнери, а тие што се на викенд и имаат малку повеќе свест го фрлаат ѓубрето во најблиските контејнери во селата попат – Стење, Сирхан...

А се чини како питомата и тивка Преспа овде да го достигнала својот спокој. Селото речиси и да нема постојани жители, се посетува повеќе во летниот период, за викенди или од луѓето што имаат свои викендици. Туристи од цела Европа доаѓаат овде за да го посетат островот и си заминуваат одушевени. За среќа, веднаш си заминуваат со организираниот превоз, па немаат можност да го видат срамот. Но, има и такви што дошле неорганизирано, па коментираат разочарано: „Ова не е добро!“



За да биде уште поиронично, фотографија од островот ја краси интернет-страницата на Општината.
Се обративме до Општина Ресен и до раководителот за животна средина Ајман Ал Малла да ни објаснат што се случува со ѓубрето од Коњско и зошто е доведено во ваква состојба. Тој ни се заблагодари што сме се заинтересирале за Преспа и ни објасни дека Уставот на Република Македонија го пропишува правото на секој граѓанин на здрава животна средина, но и обврската да ги штити и да ги унапредува животната средина и природата.



- Државата е должна да обезбеди здрава животна средина за сите граѓани. Во оваа смисла, со процесот на децентрализација во земјата, многу надлежности од оваа област им беа делегирани на општините. Општините се одговорни за спроведување на многу политики кои во себе ги имаат вградено европските стандарди, каде што јакнењето на административните капацитети на локалната самоуправа и поттикнување на соработка и координација со сите сектори на различни нивоа се и во иднина ќе бидат приоритет - вели Ал Малла и објаснува дека со одлука на Советот на Општината од 2016 година, собирањето на комуналниот отпад од селото се врши во период од пет месеци, односно од мај до септември, и тоа еднаш месечно, за што секое семејство ќе треба да плати по 1.600 денари.



- Но, поради проблеми со наплатата на услугата од локалното население и тешкиот пристап на возилата на ЈКП „Пролетер“ преку регионалниот пат с. Коњско – Стење, кој е во лоша состојба, понекогаш се случува да се задоцни со собирањето на отпадот. Според последните информации, денеска (19 септември) на терен се излезени нашите инспектори за увид на самото место во фактичката состојба - појаснува раководителот.

С. Коњско е една од 26. рурални средини за чие собирање отпад се грижи „Пролетер“.
На прашањето дали Општината има во план некогаш да го асфалтира патот од 8 километри, Ал Малла вели:
- Тој е регионален пат во надлежност на ЈП за државни патишта. Општината во 2018 година изврши санација на поголемиот дел од патот (тампонирање), за асфалтирање на истиот од страна на Општината до ЈП за државни патишта е поднесено барање со цела потребна проектно-техничка документација.

Раководителот за животна средина нè покани да ја истражиме и убавата слика на регионот за да откриеме кое е вистинското место што Преспа го има во регионот, Европа и пошироко.