Поради брзата еволуција, на луѓето не им растат умници

Поради брзата еволуција, на луѓето не им растат умници

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На некои луѓе не им растат умници, а сѐ повеќе имаат и ретка дополнителна артерија во подлактницата затоа што луѓето се во т.н. „микроеволуција“, се вели во ново истражување.

Научниците во Австралија откриле неколку промени кај луѓето што се појавуваат во краток временски период.

Д-р Теган Лукас од Универзитетот „Флиндерс“ во Аделаида вели дека и лицата стануваат пократки поради промените во нашата исхрана, а нашите помали вилици немаат место за заби.

- Ова се случува со текот на времето бидејќи знаеме како да користиме оган и како да преработуваме повеќе храна. На многу луѓе не им растат умници - вели д-р Теган.

Истражувачкиот тим открил и зголемен број луѓе што се родени со дополнителни коски на рацете и на нозете, како и пократки лица или абнормални поврзувања на две или повеќе коски во нивните стапала.

Покрај тоа, истражувањето спроведено од д-р Лукас заедно со професорите Масиеј Хенеберг и Џалија Кумаратилаке од Универзитетот во Аделаида покажува значителна преваленција на средната артерија од крајот на 19 век.

Артеријата се формира додека бебето е во матката и е главниот сад што снабдува крв во подлактницата и раката, но исчезнува во текот на бременоста и е заменета со радијалните и улнарните артерии.

- Анатомите ја проучуваат распространетоста на оваа артерија кај возрасните уште од 18 век, а за време на истражувањето откривме дека таа јасно се зголемува. По раѓањето, околу 10 отсто од луѓето ја имале оваа артерија кон средината на 80-тите години на 19 век, во споредба со 30 отсто кај родените кон крајот на 20 век. Затоа, еволутивно гледано, има значително зголемување на оваа карактеристика за многу краток временски период - вели д-р Лукас.

- Ако овој тренд продолжи, мнозинството луѓе ќе имаат средна артерија на подлактницата до 2100 година - додаде таа. Според неа, истражувањето покажува дека луѓето се развиваат со поголема брзина отколку во кој било период во изминатите 250 години.

Авторите на истражувањето посочуваат дека промените во природната селекција би можеле да бидат главна причина за микроеволуцијата.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Screenshot/YouTube