Над 52 отсто од студентите на УКИМ се вакцинирани или прележале ковид-19

Над 52 отсто од студентите на УКИМ се вакцинирани или прележале ковид-19

Подготвил: Елица Бочваровска

Лектор: Ивана Кузманоска

Над 52 проценти од студентите што студираат на факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се вакцинирани или прележале ковид-19 во последните шест месеци. Ова го покажала анонимна анкета спроведена од 17 до 20 септември на сите студенти од прв и втор циклус на студии.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. Никола Јанкуловски, вели дека ова е трета академска година во која факултетите од УКИМ во Скопје ќе го организираат својот наставен процес во услови на пандемија.

- Зимскиот семестар нема многу да се разликува од претходните, но секако го започнуваме со многу поголемо искуство и многу поголем број вакцинирани студенти и наставен кадар. Анонимната анкета покажа дека 46% од анкетираните се вакцинирани, но ако се земе предвид и бројот на студенти што прележале ковид-19 во последните шест месеци, процентот се зголемува на 52%. Кога станува збор за степенот на вакциниран академски и стручен кадар, согласно анкетата спроведена на 23 септември, тој изнесува повеќе од 80 % - вели проф. Јанкуловски.



Во кампусот на Универзитетот е поставен и пункт за вакцинација на студентите и наставниот кадар, а Министерството за здравство минатата недела почна и кампања која ја поддржаа студентите од Медицинскиот факултет и ги повикаа своите колеги од другите факултети да се вакцинираат.
Анонимна интерна анкета за тоа колку наставен кадар и студенти се вакцинирани на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола покажала дека над 95 проценти од вработените на факултетите при овој Универзитет се вакцинирани или прележале ковид-19.

- Тоа укажува на добра имунолошка состојба меѓу вработените. На анкетата спроведена меѓу студентите во однос на прашањето дали се вакцинирани, 38,5 % одговориле дека се вакцинирани, 61,5 % се изјасниле како невакцинирани, додека 29 % се изјасниле дека прележале ковид-19. Според овие анкети, генерално, околу 68 проценти од студентите имаат статус на имунолошка покриеност - вели проф. д-р Љупче Кочоски, проректор за настава, кој додава дека ниту еден факултет при овој универзитет не се изјаснил дека не може да обезбеди настава со почитување на мерките за заштита од ковид-19.

Проректорот за настава на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. Мирко Џидров, вели дека анкетата спроведена меѓу студентите покажала дека бројот на вакцинирани студенти не е доволен и дека треба да се зголеми.

- Студентското собрание се организира и заедно со Министерството за здравство во Штип како регионален центар за масовна имунизација договорија термини за вакцинација на нашите студенти. Сето ова се случуваше изминатиот период и сега бројот на вакцинирани студенти е значително поголем. Голем процент од вработените на сите факултети при УГД се вакцинирани. Сето ова дава поголема сигурност за првично враќање во предавалните по подолг период - вели проф. Џидров.



Од Универзитетот „Американ колеџ Скопје“ велат дека нивниот наставен и административен кадар е целосно вакциниран.

- Студентите што се вакцинирани веќе приложија потврда за вакцинација, додека другите редовно приложуваат потврди за редовно тестирање, за присуство на антитела или за прележан ковид-19, со што добиваат можност да ги следат предавањата во училница - велат од „Американ колеџ Скопје“.
Од Меѓународниот балкански универзитет велат дека деновиве во кампусот на Универзитетот се одвива акција за вакцинација на студенти и наставен кадар, а дека анонимна анкета направена меѓу студентите и наставниот кадар покажала дека над 70 отсто од нив се вакцинирани.

Според статистичките податоци со кои располага Министерството за образование и наука, лани на сите универзитети во земјава биле запишани 50.881 студент во сите студентски години, а 83,3 проценти студираат на државните високообразовни установи. Наставата минатата година ја спроведувале 4.288 наставници и соработници. Од Министерството за образование велат дека за новата академска година бројот на студенти и наставен кадар ќе биде познат на крајот од оваа календарска година.

Од Министерството за здравство информираат дека заклучно со заклучно со 19 октомври, вакцинирани се вкупно 800.103 граѓани, ревакцинирани се 764.953, а трета доза примиле 1.292 граѓани. 54% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.