Половина од професионалните спортисти се обложуваат на спортови
Во 9:30 часот, на 5 октомври 2023 година, Метју Бојер бил во дворот на својот дом во Сан Хуан Капистрано, Калифорнија, кога некој викнал:
- ФБИ! Не мрдај!
Бојер, тогаш 48-годишник, се свртел и видел повеќе од дваесет агенти вооружени со пушки околу него и неговата куќа.
Нелегалниот обложувач, кој тврди дека таа година примил облози во вредност од 1 милијарда долари од своите 1.200 клиенти, знаел дека ситуацијата излегува од контрола. Претпоставил дека агентите не дошле поради него, туку поради еден клиент - Ипеи Мизухара, преведувачот на ѕвездата на Лос Анџелес доџерс, Шохеи Охтани, кој за малку повеќе од две години акумулирал долг од 40,2 милиони долари.
Аферата речиси му ја уништила кариерата на трикратниот МВП и втор најплатен бејзбол-играч. Охтани негирал каква било вмешаност и никогаш не бил обвинет за кривично дело, тврдејќи дека Мизухара го измамил за милиони. Истрагата открила дека Мизухара бил тој што се обложувал, крадејќи 16,2 милиони долари од сметките на Охтани, за да му плаќа на Бојер 500.000 долари на секои неколку недели.
Нелегалната страна секогаш ќе постои
Мизухара бил осуден на пет години затвор за банкарска и даночна измама, додека Боjер добил 12 месеци и еден ден затвор за водење нелегална обложувалница, перење пари и поднесување лажни даночни пријави.
Иако Боjер стана лицето на најголемиот скандал со нелегално обложување во поновата спортска историја, неговата пресуда не значи дека индустријата исчезнала.
- Нелегалната страна на обложувањето секогаш ќе постои - изјавил Боjер.
Според Американската асоцијација за игри на среќа, во текот на изминатата година нелегалните обложувалници добиле облози во вредност од 84 милијарди долари и оствариле пет милијарди долари приходи, додека легалните обложувалници оствариле 13,78 милијарди долари приходи во 2024 година од вкупно 149,9 милијарди долари облози.
Скандали во многу спортови
Бојер порано наоѓал клиенти на голф-терени, а го запознал Мизухара во 2021 година на нелегална покер-игра во Сан Диего. Аферата Мизухара-Бојер можеби е најголема, но во никој случај не е последна.
На почетокот од октомври започнала истрага за 13 поранешни кошаркари од кошаркарска лига на колеџ, кои наводно се обложувале на сопствените натпревари - па дури и против сопствените тимови.
Во април 2024 година НБА го суспендира центарот на Торонто репторс, Џонтеј Портер – и тоа доживотно, откако беше откриено дека се обложувал на НБА-натпревари, споделувал внатрешни информации со обложувалници и намерно ги намалувал сопствените перформанси за профит.
Слични скандали ги потресоа хокејската лига, голф-светот и други спортови. Бојер проценува дека околу половина од професионалните спортисти се обложуваат на спорт и очекува да се појават уште скандали во иднина, особено во спортовите на колеџите.

Во 2018 година Врховниот суд на САД го поништи Законот за заштита на професионалниот и аматерскиот спорт, со кој се забрануваше спортското обложување во речиси целата земја, освен во Невада. Потоа федералните држави добија право сами да го легализираат обложувањето. Денес, 39 држави имаат легален пазар за спортско обложување.
- Обложувањето стана порелевантно од кога било, а со тоа доаѓа и поголемо искушение. Ќе има уште многу скандали - вели Бојер.
„Јас бев жртвено јагне“
Бојер беше фатен благодарение на истрагата во „Ресортс ворлд Лас Вегас“, која откри мрежа на други нелегални обложувалници. Како и банките, казината мора да се придржуваат до законите за спречување перење пари и идентификација на клиенти и не смеат свесно да им дозволат на криминалците да се обложуваат.
Бојер, познат обложувач, прокоцкал речиси 12 милиони долари од парите на Охтани во казиното. Како резултат на тоа, поранешниот претседател на казиното, Скот Сибела, ги изгуби работата и лиценцата, а Комисијата за игри на среќа на Невада го казни казиното со 10,5 милиони долари.
Иако признава дека водел нелегална операција што речиси му ја уништила кариерата на Охтани, Бојер верува дека станал жртвено јагне за гревовите на Лас Вегас.
- Не сакам да изигрувам жртва. Но, се чувствувам како делумно да станав колатерална штета за таа страна од приказната во Вегас - истакнал тој.
На Бојер сега му е забрането да присуствува во сите казина во Соединетите Држави.
Дали некогаш повторно ќе се обложува?
- Не можам да кажам дека никогаш повеќе нема да се обложувам, тоа би било лага - признава Бојер, кој планира и документарен филм за неговата приказна.
Извор: forbes.dnevnik.hr
Фото: Freepik