„Ербиенби“ ќе исплаќа од 50 до 1.000 евра дневно ако врне дожд за време на одморот

„Ербиенби“ ќе исплаќа од 50 до 1.000 евра дневно ако врне дожд за време на одморот

Со враќањето на стрелките на часовникот овој викенд, на повеќето од нас им претстојат темни и мрачни вечери. Единствена надеж за малку одмор и бегство од секојдневието е вистинско патување на некоја сончева дестинација.

Замислете да патувате толку далеку за да уживате во витамин Д и да се капете во морето, а таму да врне цело време. Вистинско разочарување.

Тоа би изгледало како залудно потрошени пари. Но, новата најава на „Ербиенби“ би можела барем малку да го ублажи разочарувањето.

Компанијата за изнајмување сместувања за одмор сега нуди незадолжително осигурување од лошо време, кое им овозможува на патниците да добијат исплата за деновите кога врне.

- Дождот може да го расипе патувањето на кое гостите долго се радувале, но не треба да им го одбележи целиот одмор - изјави Џастин Брус, директор за стратешки партнерства, „ЕрКавер“ и осигурување во „Ербиенби“.

- Возбудени сме што соработуваме со „Чаб“ за да понудиме осигурување од лоши временски услови, со кое гостите ќе можат да добијат надомест кога врне, да трошат помалку време справувајќи се со непријатностите и повеќе време уживајќи во патувањето - вели тој.

Како функционира осигурувањето?

Гостите на „Ербиенби“ што живеат во Австрија, Данска, Франција, Германија, Италија, Ирска, Холандија, Полска, Шпанија или Шведска ќе имаат можност да го додадат ова осигурување при резервацијата.

Полисата ги покрива и патувањата во матичната земја и оние во странство, но не важи за патувања во сите земји.

Осигурувањето, зад кое стои компанијата „Чаб“, предвидува дневна исплата од 50 до 1.000 евра ако на локацијата на изнајменото сместување наврнат најмалку 1,5 милиметри дожд во еден час, во периодот од 8 до 20 часот, во текот на минималниот број часови утврден во полисата. Потребниот број часови и висината на исплатата ќе зависат од земјата.

Врнежите се следат автоматски, врз основа на податоци од извори како што се НАСА, Европскиот центар за среднорочни временски прогнози и Националната океанска и атмосферска администрација на САД. Тоа значи дека не треба да поднесувате докази за да добиете надомест. Едноставно, ќе добиете известување ако ги исполнувате условите за исплата.

Други можности за осигурување од лошо време

Компанијата „Ведер промис“, основана во 2022 година, исто така нуди осигурување што ги покрива патувањата во случај на дожд. Полисата функционира на сличен принцип - автоматски се исплаќа надомест ако врне повеќе од однапред договореното количество.

Потребно е само да ја внесете адресата на хотелот во кој ќе престојувате, датумите на патувањето и износот што сакате да ви биде покриен, односно трошоците за патувањето.

Извор: Euronews.com
Фото: Magnific