„Пивара Скопје“ е компанија со повеќе од еден век историја каде што се преплетуваат традицијата и иновациите притоа создавајќи не само пиво, туку и приказни, емоции и брендови кои се дел од културното живеење.
Како изгледа да се работи за брендот што со децении е симбол на македонската автентичност? Во разговор со новиот менаџер за маркетинг на пиво во „Пивара Скопје“, Бојан Кочовски, откриваме што значи да се биде дел од еден од најреномираните домашни брендови и зошто „Пивара Скопје“ е вистинско место за младите што сакаат да растат во динамична, инспиративна и современа средина.
Во интервју за Факултети.мк Бојан Кочовски зборува за искуствата во продажбата, за следењето на современите практики и развојот на нови вештини, како и за развојот на продажните способности на тимовите во „Пивара Скопје“.
По речиси две децении во агенцискиот свет, од кои последниве години на чело на една од водечките креативни агенции во земјава, кој беше главниот мотив да направите трансфер на корпоративната страна како менаџер за маркетинг на пиво во „Пивара Скопје“?
- Иако најголемиот дел од мојата кариера го поминав во агенцискиот свет, отсекогаш сум верувал дека професионалниот развој не треба да биде линеарен. На секои неколку години се обидувам да излезам од комфор-зоната и да ја сменам работната средина со нова - која ќе ми овозможи дополнителен раст, развој и ќе ми отвори нови хоризонти.
По години работа на стратегии и кампањи за различни брендови, почувствував дека е вистинскиот момент да ја искусам и другата страна на бизнисот. Да не бидам само партнер кој нуди комуникациски и креативни решенија, туку и некој што е директно одговорен за долгорочниот раст на брендовите, развојот на портфолиото и деловните резултати.
„Пивара Скопје“ беше природен избор. Станува збор за компанија со исклучително силни,светски брендови во своето портфолио, богата традиција и високи стандарди, но истовремено и организација со современи гледишта и големи амбиции за иднината. Таквата комбинација е ретка и претставува голем професионален предизвик.
Како знаете кога е вистинското време за следен голем чекор во кариерата и како менаџирате со стравот од промена?
- Не сум сигурен дека постои совршен момент за кариерна промена. Повеќе верувам дека постои момент кога чувствувате дека сте го извлекле најдоброто од една фаза и дека сте подготвени за ново ниво на раст. Со текот на годините научив дека стравот од промена никогаш целосно не исчезнува. Но научив и дека најголемиот ризик често е да останете предолго на истото место. Секоја значајна промена во мојата кариера носела неизвесност, но секоја од нив ми отворила нови знаења, нови искуства и нови перспективи. Денес промените ги гледам како инвестиција во сопствениот развој. Кога желбата за напредок е поголема од стравот, тогаш одлуката станува многу полесна.
Каква перцепција имавте за „Пивара Скопје“ и Скопско пред да се вработите и каква е перцепцијата за компанијата сега однатре?
- Со „Пивара Скопје“ соработував многу години од агенциска перспектива и искрено мислев дека добро ја познавам како компанија, но искуството однатре е сосема поинакво. Однадвор ја гледате силата на брендовите, а однатре ги гледате луѓето, процесите, дисциплината, решителноста и знаењето што стојат зад нивниот успех. Тогаш сфаќате дека легендарните брендови не се случајност, туку резултат на долгогодишна посветеност, конзистентност и континуирана работа. Да се работи за брендови како Скопско, Heineken, Amstel и Birra Moretti е вистинска привилегија, но она што најмногу ме импресионира е културата на постојано учење, високите стандарди и подготвеноста да се инвестира во луѓето. Тоа е една од клучните причини поради кои „Пивара Скопје“ со години доминира на лидерската позиција.
Како менаџер за маркетинг на пиво раководите со брендови кои се дел од секојдневието на младите. Како изгледа еден Ваш типичен работен ден?
- Искрено, не постои типичен ден, што е доста слично со моето претходно агенциско искуство, но постојат повеќедневни, неделни и месечни рутини кои се неопходни за аналитичко следење на резултатите од нашата работа, согласно кои попрецизно можеме стратешки да пивотираме кон вистинската насока за да одговориме на потребите на пазарот. Значителен дел од денот е исполнет со состаноци со различни тимови и различни оддели бидејќи резултатот зависи од успешната крос-функционална соработка помеѓу маркетинг, продажба, планирање, финансии, производство и надворешните партнери. Покриваме десетина пивски брендови и работиме на многу проекти паралелно, така што динамиката е со голем интензитет, но за среќа, пивскиот маркетинг-тим е составен од врвни бренд-менаџери со долгогодишно искуство со кои заедно сме подготвени да одговориме на секаков предизвик.
„Пивара Скопје“ става силен акцент на дигитализацијата и привлекувањето млади таленти. Кои се клучните вештини што еден млад маркетер мора да ги поседува денес?
- Верувам дека најважните вештини на денешницата се способноста за брзо учење и агилноста. Алатките и платформите се менуваат со огромна брзина, па знаењето стекнато денес може да биде застарено за неколку месеци, што значи дека брзата адаптација и способноста да се смени курсот кога е најпотребно се неопходни. Секако, тука е и дигиталната ренесанса и ВИ, која им овозможува на младите таленти веќе на почетокот на своите кариери да развиваат и аналитичко размислување, љубопитност и разбирање на бизнисот. Креативноста останува исклучително важна, но најуспешни се оние што можат да ги комбинираат креативните идеи со современите технологии и да донесат реални бизнис-резултати.
Како ја оценувате пивската култура кај македонските граѓани? Дали „Пивара Скопје“ ги задоволува барањата на љубителите на пиво и колку од нив бараат поавтентични вкусови како „Скопско Weiss“?
- Пивската култура во светот, па и во нашата земја значително созреа во последните години. Интересот за различни стилови и вкусови расте и гледаме сè поголем интерес за специјални пива и нови пивски искуства, и покрај тоа што традиционалните лагери остануваат доминантен избор. Токму затоа, важно е континуирано да го развиваме своето портфолио и да ги поместуваме границите на пивската категорија.
„Скопско Weiss“ е одличен пример за производ кој одговара на пивски гурмани кои бараат поавтентичен и поразличен вкус, а нашата цел е секогаш да понудиме богат избор за сите пригоди и сите генерации.
Како се доаѓа до идеја да се развие еден продукт, колку време е потребно и како ја балансирате локалната традиција со глобалните маркетинг-стандарди?
- Најдобрите иновации не почнуваат од производот, туку од потрошувачот. Процесот започнува со разбирање на потребите, трендовите и промените во навиките на луѓето. Потоа следуваат истражувања, тестирања, развој на производот, проверка на пазарниот потенцијал и подготовка за лансирање. Во зависност од комплексноста, процесот може да трае од неколку месеци до повеќе од една година.
Што се однесува до балансот меѓу локалното и глобалното, јас верувам дека најсилните брендови се оние што имаат глобална визија и стандарди, но го владеат локалниот јазик. Потрошувачите сакаат светски квалитет, но сакаат и брендови кои ги разбираат нивните локални навики, култура и се релевантни за нивните емоции.
Што следно да очекуваат љубителите на пивото?
- Можам да кажам дека пивската индустрија никогаш не била подинамична отколку денес. Љубителите на пивото можат да очекуваат повеќе иновации, нови вкусови, нови формати на консумација и уште поголем фокус на искуствата што нашите брендови ќе ги креираат. Нашата задача е да бидеме секогаш чекор понапред, да ги креираме трендовите и да носиме свежина на пазарот, а верувам дека љубителите на пиво ќе имаат многу причини да бидат задоволни со она што ќе го понудиме во иднина.
Доколку денес би имале шанса да се вратите во студентските денови, кој е најважниот совет што би си го дале себеси?
- Би си кажал да не брзам толку многу за да дојдам до сите одговори. Во студентските години често мислиме дека мора веднаш да знаеме што сакаме да работиме и каде сакаме да стигнеме. Денес знам дека кариерата не е права линија, туку патување полно со неочекувани свртувања, а токму тие свртувања ја создаваат вистинската вредност. Би си порачал да бидам уште пољубопитен, уште повеќе да истражувам, да патувам повеќе и да остварувам интеракција со што е можно повеќе различни луѓе од кои би имал што да научам.
Ако во нешто сум сигурен, тоа е дека најголемата конкурентска предност не е во дипломата или во искуството, туку во способноста постојано да се надградуваш, да се адаптираш и да останеш храбар и отворен за нови можности.
Фото: приватна архива