Казнет со 2.000 евра поради прегласни партизански песни: Наводно ги бркал соседите со звучник
39-годишен маж од околината на Огулин во Хрватска е неправосилно казнет со 2.000 евра поради прегласно пуштање партизански песни и друга музика во дворот од куќата на неговите родители.
Со тоа, според судот, тој ги провоцирал и ги вознемирувал соседите и го нарушувал јавниот ред и мир. Пресудата ја донел Општинскиот суд во Карловац, а мажот по инцидентот поминал една ноќ во полициски притвор.
Инцидентот се случил на 9 јуни околу 17 часот во населеното место Турковиќи Огулински. Според исказите на соседите, кои судот ги прифати, од звучникот се слушале песните „Млада партизанка“ и „Друже Тито“, како и други песни со иста и слична тематика.
Еден од соседите тврдел дека музиката се слушала во круг од околу 500 метри, како и дека мажот одел по нив со звучник и им дофрлал навреди. Соседите наведоа и дека конфликтот трае подолго време, поради што, како што тврдат, имале здравствени проблеми и барале лекарска помош.
Мажот ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека во времето на инцидентот не бил во куќата на родителите и дека пристигнал дури околу 18:30 часот, кога дошла полицијата.
Неговата мајка изјави дека таа околу 17 часот случајно пуштила музика на мобилниот телефон, дека била нешто погласна, но дека траела само неколку минути. Одбраната тврдеше дека случајот е последица на долгогодишен конфликт меѓу двете семејства, наведувајќи дека на соседите им пречи одгледувањето животни на имотот на обвинетиот.
Меѓу клучните докази беа снимките од надзорните камери од куќата на еден од соседите, доставени до полицијата, на кои се гледа дворот и се слуша музиката. Полицијата предложи психијатриско вештачење на мажот и негово задржување, повикувајќи се на зачестените пријави и претходно неплатените казни, но судот ги одби тие предлози бидејќи не беа доволно образложени, ниту поткрепени со докази.
При определувањето на казната, судот не најде олеснителни околности. Утврдено е дека мажот веќе двапати е правосилно казнет поради нарушување на јавниот ред и мир, во 2024 и 2025 година, како и поради други прекршоци. Судот оцени дека претходните, поблаги казни не ја постигнале целта.
Извор:
021.rs
Фото:
Wikipedia