„Мртов е, жив е“: Зошто постојано кружат шпекулации за смртта на Ким Џонг-ун

„Мртов е, жив е“: Зошто постојано кружат шпекулации за смртта на Ким Џонг-ун

Државните медиуми на Северна Кореја објавија слики од Ким Џонг-ун откако почнаа да кружат шпекулации за неговата смрт

Ким Џонг-ун се појави во државните медиуми на Северна Кореја изгледајќи исклучително здрав за некој за кого се пишува дека умрел од излив на крв во мозокот.

На фотографиите што ги објави државниот весник Родонг Синмун, 42-годишниот севернокорејски лидер бил во обиколка, како што се тврди, на изложба на облека и обувки заедно со ќерката.

Сликите се појавија по неколку часа откако кинески дисидент кој живее во Америка тврдеше, без докази, дека Ким бил одведен во болница во Пекинг во кома и таму умрел.

За оние што ја следат Северна Кореја, овој вид шпекулации станаа речиси вообичаена работа. Во една од најтаинствените земји во светот, тешко се потврдуваат факти, што создава плодна почва за шпекулации.

Ова најново тврдење потекна од Ванџун Сије, кој се претставува како претседател на Кинеската демократска партија, група која е забранета од кинеските власти. Тој претходно ширеше непотврдени тврдења, меѓу кои и шпекулации за смртта на кинескиот лидер Си Ѓинпинг.

Сије тврдеше дека Ким доживеал тежок излив на крв во мозокот и бил префрлен во Пекинг затоа што Северна Кореја нема медицински установи за негово лекување. Тој тврдеше дека Ким подоцна умрел и дека неговото тело во тајност било вратено во Северна Кореја, а дека режимот ја прикрил смртта.

Но пет фотографии раскажуваат сосема поинаква приказна.

На нив се гледа како Ким разгледува артикли во друштво на ќерка си Ким Џу Ае и неговата вообичаена придружба од официјални лица. И додека не постои начин сигурно да се знае кога се настанати овие слики, постојат и други причини за сомнеж во ова тврдење.

Да се влошело ненадејно здравјето на Ким Џонг Ун, веројатно би имало знаци и надвор од границите на Северна Кореја. Кина би можела да ја засили безбедноста по должината на сопствената граница за да се подготви за потенцијална нестабилност или прилив на бегалци. Активноста околу дипломатските мисии на Северна Кореја, исто така, би можела да биде засилена.

Ништо од ова не се случи. Јужнокорејските разузнавачи, во меѓувреме, изјавија дека не чуле ништо што би ги поткрепило овие наводи.

Тогаш зошто постојано се јавуваат вакви шпекулации?


Првата причина е преземањето на власта.

Семејството Ким владее со Северна Кореја веќе три генерации, но што ќе се случи по Ким Џонг-ун е помалку извесно отколку што беше во случајот со неговите претходници.

Ким Ил-сунг мина децении подготвувајќи го синот, Ким Џонг-ил, за преземање на власта. Кога Ким Ил-сунг умре во 1994 година, планот за наследник беше цврсто воспоставен. Транзицијата на Ким Џонг-ил беше релативно мазна. Воздигнувањето на Ким Џонг-ун беше побрзо и понеспремно.

Откако Ким Џонг-ил доживеа мозочен удар во 2008 година, неговиот најмал син почна брзо да се искачува во хиерархијата. Во времето кога неговиот татко умре во 2011 година, тој беше јавно идентификуван како иден лидер. И покрај тоа, Ким Џонг-ун со години ја зацврстуваше власта, правејќи чистка меѓу ривалите и елиминирајќи ги можните закани.

Јужнокорејската разузнавачка служба верува дека Ким можеби ја подготвува ќерката за наследничка.

Таа сè почесто се појавува на значајни државни настани и воени вежби.Но за неа се верува дека има едвај 13 години. Северна Кореја никогаш не била предводена од жена и таа не е формално означена како наследничка. Нејзината младост би ја направила ранлива пред каква било борба за превласт. Сите овие неизвесности помагаат да се објасни зошто шпекулациите за здравјето на Ким привлекуваат толку големо внимание.

Втората причина е тоа што шпекулациите не се сосема неодржливи.

Ким е со прекумерна тежина и е страствен пушач.

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба одново предупредува дека неговиот начин на живот го доведува во висок ризик од кардиоваскуларни болести. Срцевите проблеми и мозочните удари се наследни во семејството на Ким. Ако му се случи нешто на Ким, влоговите се високи за соседните земји и пошироката меѓународна заедница. Каква било ненадејна криза во раководството поставува тешки прашања за контролата врз севернокорејското нуклеарно оружје и можноста за политичка нестабилност.

Дали борбата за превласт би ги довела претставниците на тврдата линија во искушение да настапат агресивно? Дали немирите би можеле да предизвикаат бегалска криза по должината на кинеската граница? Ова се прашања што ги загрижуваат не само Пекинг и Сеул, туку и Вашингтон, кој има околу 28.000 војници во Јужна Кореја.

Разузнавачките служби будно го следат Ким Џонг-ун за да бидат подготвени за какви било новости. Затоа што Северна Кореја и понатаму е црна дупка кога се во прашање информациите, таа воедно е и лесна мета за лажни вести.

Постојат сомнежи дека самиот режим намерно предизвикува конфузија, пуштајќи измамнички информации за да го прикрие она што навистина се случува во земјата.

И затоа е тешко да се верува дека Ванџун Сије некако наишол на толку значајна вест, а ја пропуштиле оние чија работа е први да ја забележат.
Тој можеби едноставно само барал внимание.

Или можеби сакал да го посрамоти Пекинг нагласувајќи ги неговите врски со Пјонгјанг, иако тие се прилично добро познати во светот. Кој и да бил неговиот мотив, Сије е далеку од првиот човек кој се обидел да ја искористи неизвесноста околу севернокорејското раководство.

Извор: bbc 
Фото: принтскрин/јутјуб