За само пет месеци развиен робот за најопасните работи - Роџер деактивира бомби и отстранува опасни материи
„Секоја година згаснуваат повеќе од 7.000 човечки животи поради работите поврзани со опасни енергетски постројки. Затоа го испраќаме Роџер. Роџер ги извршува работите што се премногу опасни за луѓето. Еден робот, кое било возило, која било платформа“, истакнуваат на веб-страницата на „Минерва хуманоидс“.
Американскиот стартап „Минерва хуманоидс“ собра 10 милиони долари за развој на хуманоидниот робот Роџер, наменет за работа со експлозивни направи, опасни материи и високонапонска опрема.
Роботот е развиен за само пет месеци. Осмислен е така што со него човек управува на далечина, додека вештачката интелигенција помага во одржувањето на рамнотежата и движењето.
Како функционира
Полуавтономниот робот комбинира далечинско управување, благодарение на ВР-очила кои му овозможуваат на операторот да го гледа она што роботот го снима со своите камери и да управува со неговите движења, со софтвер кој помага во одржувањето на рамнотежата.
- Човекот е вклучен во секоја фаза од работата. Роџер од самиот почеток е осмислен така што со него управува човек. Операторот носи одлуки, а Роџер го презема ризикот - истакнуваат на страницата.
Роботот се развива за работи што вклучуваат отстранување експлозивни средства, реагирање на инциденти со истекување на опасни материи, работа во нафтени и гасни постројки на море, како и на локации со високонапонска енергетска опрема. Наместо луѓето да се исклучат од процесот на носење одлуки, системот е осмислен така што обучени експерти ја имаат контролата, додека роботот ги извршува задачите во опасно опкружување.
Од компанијата наведуваат дека роботот е доволно лесен и дека може да се превезе на совозачкото седиште. Освен тоа, доволно е стабилен да се движи по мокри палуби и скали. Со сета опрема има помалку од 100 килограми, а додатоците за различни задачи наскоро ќе бидат достапни.
Компанијата објави дека досега прибрала околу 10 милиони долари што ќе ги искористи за понатамошен развој на хардверот и системот за управување со Роџер.
Што сè може Роџер
Од компанијата наведуваат и дека работата на далечина ќе овозможи во работата со опасни материи да се користи што е можно помалку друга опрема, како хеликоптери. Освен тоа, тој начин на работа овозможува намалување на ризикот поврзан со бројот на луѓе што престојуваат на опасните постројки.
Роботот може и да ја следи состојбата на опремата. Може да отчитува мерни инструменти, да следи корозија и да открива неправилности пред тие да прераснат во инциденти. Во врска со тоа, може и да реагира во вонредни ситуации.
- Овозможено е далечинско упатување на роботот во ситуации од висок ризик, како аларми за присуство на отровен гас, истекување или надзор на пожари. Човек управува со роботот од безбедна локација. Роџер ги извршува задачите во опасната зона - стои на страницата.
Фото: принтскрин