Вежби и активности што го зајакнуваат мозокот

Вежби и активности што го зајакнуваат мозокот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Веќе знаеме дека треба да бидеме физички активни и да го вежбаме телото, но колкумина знаат дека е важно да се вежба и мозокот? Многу истражувачи веруваат дека треба да го вежбаме мозокот за да го зачуваме менталното здравје. Што може да направите за да го зајакнете умот?

Мозокот е способен за адаптација и промена, дури и кај постарите лица. Во мозокот се создаваат и се зајакнуваат нервните врски и мрежи кога се учи нешто ново, а тоа помага и мозокот да стане уште пофлексибилен.

Едно истражување спроведено на лица постари од 65 години покажало дека оние што правеле вежби за подобра работа на мозокот имале поголеми поволности од оние што вежбале помнење и расудување. Сепак, секоја од овие три групи забележала поволности од вежбите за мозокот во наредните години.


Фото: Freepik

Грижете се за телото доколку сакате да се грижите за умот

Истражувачите постојано докажуваат дека луѓето што водат здрав живот со вежбање или здрава исхрана се помалку подложни на когнитивни проблеми поврзани со стареењето. Истражувања од 2006 покажале дека вежбањето може да ве направи попаметни и да го заштити вашиот мозок од намалување во староста. Истражување од 2013 спроведено на глувци покажало и дека вежбањето може да придонесе за формирање нови мозочни клетки.

Според друго истражување спроведено во 2013 на луѓе, лицата што водат здрав живот имаат 60% помали шанси да доживеат когнитивни проблеми или деменција како што стареат. Испитаниците што воделе здрав живот не пушеле, редовно вежбале, консумирале многу зеленчук и овошје и мало до умерено количество алкохол.

Нацртајте мапа на вашиот град според памтење

За да го вежбате мозокот, може да се обидете да нацртате мапа од вашиот град или населба според вашето памтење. Кога ќе завршите, направете споредба со вистинска мапа. Доколку оваа активност ви е лесна, обидете се да нацртате нешто што ви е помалку познато, како мапата на Европа со сите земји во неа. Ваквите активности помагаат да се активираат повеќе делови од вашиот мозок.


Фото: Freepik

Учете нешто ново

Потребна е посветеност, но претставува вежба која најдобро ќе влијае врз мозокот. Истражувачите велат дека лицата што учат нови вештини имаат подобра меморија од другите. Може да се обидете да учите нов јазик, да свирите одреден музички инструмент или да научите ново хоби.

Обидете се да ја користите недоминантната рака

Интересна вежба за мозокот која ја препорачува невробиологот Лоренс Кетс за да „го одржите мозокот во живот“. Според Кетс, користењето на недоминантната рака може да го зајакне мозокот. Обидете се да јадете или да запишете нешто со другата рака. Ќе биде тешко, но тоа е целта. Најефективните вежби за мозокот се оние што не се лесни.

Социјализација

Истражувања од 2019 покажале дека луѓето што се социјално активни имаат помал ризик да заболат од деменција или Алцхајмерова болест. Социјализацијата активира повеќе делови од мозокот и многу социјални активности вклучуваат и физички елементи што може да бидат добри за мозокот. Може да се приклучите на одреден клуб, да волонтирате во одредена организација или редовно да се гледате со семејството и пријателите за да се социјализирате повеќе.


Фото: Freepik

Медитација

Медитацијата во моментов ја препорачуваат психолози, бизнисмени и здравствени работници. Истражување од 2007 покажало дека медитацијата може да ги подобри вештините за набљудување и да ја зголеми менталната флексибилност. Медитацијата може да ги подобри и вниманието, фокусот, емпатијата, па дури и имунитетот.

Дали игрите за вежбање на мозокот се добри?

Сигурно сте слушнале за некоја игра за вежбање на мозокот. Многу од овие игри или апликации ветуваат дека ја зголемуваат флексибилноста на мозокот или дека ја зголемуваат интелигенцијата. Сè уште се дебатира за тоа дали го постигнуваат она што се тврди, но големи се шансите дека играњето вакви игри е добро за мозокот, иако не е јасно колку добро.

Доколку уживате во овие игри, може да ги играте, но доколку не сакате да гледате во екранот долго време, веројатно подобро е да пешачите, да вежбате ново хоби или да посетите пријател. Сите овие активности може да имаат долготрајни ефекти врз здравјето и виталноста на вашиот мозок.

Автор: Кендра Чери
Извор: verywellmind.com