Аплицирањето за студентска стипендија трае до 5 декември

Аплицирањето за студентска стипендија трае до 5 декември

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за доделување студентски стипендии за академската 2022/2023 година. Предвидено е да бидат доделени вкупно 3.000 стипендии, а годинава се воведени и три нови категории, кои се резултат на информациите за недостиг на кадар во одредени области.

Првпат ќе се доделат 30 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Новина се и 15 стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Исто така, 15 стипендии се предвидени за прв пат и за студентите запишани на додипломски студии по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

Вкупно 1.470 стипендии се наменети за редовни студенти од социјалните категории. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки, се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

За студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности се предвидени 15 стипендии.

Предвидени се и 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки кои постигнале просечен успех од прва до тековно запишаната студиска година од најмалку 8,00 просечен успех.

40 стипендии ќе се доделат на студенти запишани на студиски програми по хемија, 30 на студенти запишани на физика и 30 за студиските програми по математика.

Предвидени се и 30 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Во Конкурсот се наведени сите услови, критериуми и потребните документи за аплицирање со цел остварување на правото на користење на секоја категорија на стипендии. Оваа година аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Хартиени апликации преку архивата на МОН нема да се прифаќаат. Рокот за аплицирање е до 5.12.2022 година.

Сите категории стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, кои изнесуваат 18.000 денари месечно.

ТУКА можете да го прочитате конкурсот и да ги преземете потребните документи за аплицирање.