Сите студенти во Германија ќе добијат по 200 евра помош за кризата

Сите студенти во Германија ќе добијат по 200 евра помош за кризата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Германската Влада одлучила да им додели еднократна помош од 200 евра на сите студенти за да им помогне во справувањето со поскапувањето на енергентите. Станува збор за трет пакет мерки против растечките трошоци за живот на германската Влада.

Околу 3,4 милиони студенти што студираат на универзитетите во земјата ќе може да се пријават за оваа помош. Главниот услов е да имаат постојано живеалиште во Германија и да се редовни студенти.

Министерството за образование на Германија не објавило кога ќе биде исплатена помошта, но се очекува тоа да се случи на почетокот од 2023 година.

За разлика од вработените и пензионерите на кои претходно им била исплатена слична финансиска помош, студентите нема да ги добијат парите автоматски. Наместо тоа, се работи на дигитална платформа на која студентите ќе може да се пријават за помошта.

Одлуката на Владата допрва треба да биде одобрена во парламентот, но се очекува таа да биде изгласана без проблеми.

Извор: Srednja
Насловна фотографија: Pixabay