Еве зошто филмовите од 90-тите се подобри од она што го гледаме денес

Еве зошто филмовите од 90-тите се подобри од она што го гледаме денес

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека модерната кинематографија сè повеќе се потпира на алгоритми и франшизи, публиката сè почесто им се враќа на класиците од 90-тите години. Причината не е само носталгијата, туку чувството дека тие филмови имаа душа, храброст и приказни кои се осмелуваа да ризикуваат, создавајќи наследство што денешните блокбастери тешко можат да го достигнат.

Постои нешто речиси опипливо во филмовите од 90-тите години на минатиот век - чувство на живост што модерните блокбастери, и покрај неспоредливо поголемите буџети и понапредната технологија, ретко успеваат да го повторат.

Кога денес повторно ќе ги погледнете филмовите како „Кога јагнињата ќе стивнат“ (1991) или „Добри момци“ (1990), не чувствувате само носталгија за минатото, туку ја чувствувате моќта на раскажувањето кое без компромис ве вовлекува во својот свет.

90-тите беа единствен културен период обележан со подемот на интернетот, гранџ-музиката и посебната енергија на преминот кон новиот милениум. Таа атмосфера создаде плодна земја за филмските автори кои создаваа дела што не беа само производи, туку културни дела длабоко вткаени во колективната меморија на генерациите што растеа со нив.

Тие филмови не беа оптоварени со потребата за создавање бесконечни франшизи или задоволување демографски групи; беа водени од визијата на режисерот и од вербата во интелигенцијата на публиката.

Она што ги дефинира великаните на 90-тите беше храброста да се ризикува со приказната и со ликовите. Мартин Скорсезе во „Добри момци“ не ве води само низ приказна за мафијаши, туку ве нурнува во нивниот заводлив и параноичен свет, каде што секој кадар има своја цел, а насилството избувнува брутално и неочекувано.

Од друга страна, Квентин Тарантино со „Евтини приказни“ (1994) ја разби наративната структура на парчиња и повторно ја состави во ремек-дело што функционира спротивно на сите правила. Дијалозите во филмот зрачат со живот и интелигенција. Споредете го тоа со модерните филмови кои често се потпираат на формули, каде што ликовите се сведени на функции, а дијалозите постојат само за да го движат дејството.

Филмовите од 90-тите ѝ веруваа на публиката и од неа бараа да внимава, да почувствува и да размислува

Клучната разлика се гледа и во визуелниот идентитет, особено во односот кон специјалните ефекти. 90-тите беа преодна деценија во која практичните ефекти сè уште беа на врвот, давајќи им на сцените тежина и опипливост.

Иако компјутерски генерирана графика доживеа револуција со филмови како „Паркот од периодот јура“ (1993), нејзината употреба беше промислена и ѝ служеше на приказната. Стивен Спилберг мајсторски ја комбинира напредната аниматроника со компјутерски генерирани слики за да создаде диносауруси што изгледаа неверојатно реално и застрашувачки.

Покрај тоа, 90-тите беа време на експлозија на независниот филм, движење што внесе свежина и автентичност во Холивуд. Режисери како Кевин Смит, Ричард Линклатер и Пол Томас Андерсон донесоа уникатни гласови и перспективи, докажувајќи дека големи приказни можат да се раскажат и без огромни буџети.

Успехот на „Евтини приказни“ покажа дека независната продукција може да постигне и голем комерцијален и критички успех. Таа енергија поттикна и експериментирање со жанровите. Филмовите без страв мешаа комедија и хорор („Вресок“), акција и хумор („Смртоносно оружје“), или драма и романса, создавајќи слоевити наративи што привлекуваа различни вкусови.

„Приказна за играчките“ (1995) не беше само анимиран филм, туку беше и првиот долгометражен филм целосно создаден со компјутерска анимација, дело што засекогаш го промени светот на анимацијата и докажа дека и дигиталните ликови можат да бидат хуманизирани.

Од друга страна, Џејмс Камерон со „Титаник“ (1997) ги помести границите на визуелните ефекти, комбинирајќи масивни сетови во природна големина со минијатури и дигитални луѓе.

Иако е важно да се признае дека денешните филмови, како оние достапни на платформи како Нетфликс, често имаат значајна општествена улога во промовирањето на различноста и инклузијата, не може да се негира дека 90-тите ја претставуваа авторската слобода, технолошките иновации и довербата во публиката.

Извор: 021.rs
Фото: Screenshot/YouTube