Европски народ поинаков од другите - секој си го плаќа своето, а искреноста се граничи со дрскост

Европски народ поинаков од другите - секој си го плаќа своето, а искреноста се граничи со дрскост

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Расправијата за тоа кој ќе ја плати сметката на Балканот е вообичаен ритуал, но на северот на Европа таквото однесување не само што е непознато, туку секој инсистира да си го плати своето. На англиски постои изразот „Going Dutch“ („на холандски начин“), кој значи токму тоа. Вкупната сметка често се дели на еднакви делови или секој точно ја пресметува и ја плаќа својата нарачка, а во тоа помагаат популарните апликации на мобилните телефони.

Не е невообичаено и жените да го платат својот дел по романтична вечера или ручек. Она што за Холанѓаните е праведно и нормално, за повеќето Европејци изгледа строгo и скржаво.

Експертите сметаат дека правилата за однесување околу плаќањето, како и многу други работи во општеството, Холанѓаните ги должат на големата густина на населението. Според една теорија, недостигот на физички простор го надоместуваат со прилично формални меѓусебни односи, па на тој начин создаваат општествено растојание. Во некои други делови на светот, каде што луѓето се потопли и поотворени, близината на другите очигледно не пречи толку многу, но овој народ од постудениот север го чува својот личен простор.

Секогаш навреме

Освен плаќањето на својата сметка во ресторани, Холанѓаните нема да одат кај некого без претходно да ја најават нивната посета, а правилото е едноставно: колку сте помалку блиски со некого, толку порано треба да се најавите. Дури и возрасни деца им се јавуваат на родителите (и обратно) за да прашаат дали е во ред да дојдат на посета и никогаш нема да се појават ненадејно.

Доцнењето не е вообичаено. Ако се поканети во осум часот, Холанѓаните ќе дојдат токму тогаш. Според бонтон-правилата, жените се поздравуваат со три бакнежи на образот, а мажите се бакнуваат само со блиски пријатели, инаку се ракуваат.

Другите народи често се чудат на искреноста и директноста на Холанѓаните. Искреноста е толку длабоко вкоренета во нивното општество што постои и посебен збор: „bespreekbaarheid“, што може да се преведе како можност за разговор за сè, идејата е дека за сè може и треба да се зборува отворено.

Зошто се поинакви?

Бен Коутс, автор на книгата „Зошто Холанѓаните се поинакви?“, се преселил  од Велика Британија во Холандија. Се сеќава на слични искуства, како оној пат кога се истрижал, а пријателот му рекол дека фризурата му стои ужасно. Бен со текот на времето заклучил дека Холанѓаните не лажат. Дури и во деловниот свет ако кажете нешто бесмислено, нема да ве поштедат или да ви го премолчат.

Концептот на приватност е сосема различен од многу други земји, а на Холанѓаните не им пречи во јавност да зборуваат за интимни теми. Холанѓаните во полн ресторан или кафуле без проблем дискутираат за здравствени проблеми, развод или љубовен живот. Не гледаат причина да го кријат тоа.

Директноста и транспарентноста во Холандија се прифатени, а колку се отворени луѓето се гледа и по тоа што немаат завеси на прозорците, па секој може да ѕирне во нивните домови. Другите народи понекогаш сметаат дека Холанѓаните се недоволно чувствителни кон туѓите чувства. Дали тоа е точно или не, не е познато, но е јасно дека вистината во Холандија има предност пред чувствата.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik