И ова ќе заврши. Како ќе се однесува коронавирусот по пандемијата?

И ова ќе заврши. Како ќе се однесува коронавирусот по пандемијата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Во моментов, среде глобална пандемија, можеби е тешко да се размислува за идните неколку месеци. Но, податоците ни кажуваат дека и ова ќе заврши, иако тоа нема да значи дека вирусот ќе исчезне засекогаш. Податоци собирани со години ни кажуваат дека е неверојатно тешко да се искорени заразна болест дури и со високо ефективна вакцина. Едно истражување објавено неделава во списанието „Сајнс“, сугерира дека во текот на следните неколку години новиот коронавирус може да прерасне во сезонско заболување, слично на обичната настинка или во најлош случај, годишен грип.

За подобро разбирање како новиот вирус може да се однесува во следните години истражувачите разгледале како функционираат другите познати коронавируси. САРС-КоВ-2, официјалното име на вирусот што предизвикува Ковид-19, не е првиот коронавирус со кој се соочиле луѓето. Научниците во моментов знаат за шест коронавируси кои ги разболуваат луѓето. Четири од нив предизвикуваат настинка, што е скоро исклучиво бенигна болест на горните дишни патишта, а другите два - САРС и МЕРС - се далеку посмртоносни.

Додека двата смртоносни вида во голема мера се задржани или елиминирани и никогаш не се ширеле низ целиот свет со иста брзина и големина како САРС-КоВ-2, другите четири соеви станаа ендемични на повеќето места низ целиот свет - тие редовно се пробиваат низ населението, ширејќи се доволно лесно што тие едноставно не можат да бидат задржани.

За истражувањето истражувачите ги искористиле четирите карактеристики на ендемичните коронавируси за да моделираат како би можел да изгледа САРС-КоВ-2 по неколку години. Една главна карактеристика што ја анализирале била колку е тешка болеста кај децата. Малите деца на возраст под пет години обично имаат силен имунолошки систем и обично веќе имале средба со обичната настинка. Со текот на времето, колку повеќе тие се изложени на вируси, толку е подобар нивниот имунолошки одговор и има помалку сериозни случаи. До моментот кога ќе станат возрасни личности, тие се соочиле со вирусот толку многу пати што нивниот имунолошки систем може да се справи со него. Во случај на оваа пандемија, вирусот беше нов за сите и бидејќи имунолошкиот систем слабее со возраста, постарите возрасни лица се далеку поранливи на Ковид-19.

nastinka
Фото: Freepik

Истражувањето предвидува дека откако повеќето луѓе ќе бидат изложени на вирусот, со надеж повеќе преку вакцинација отколку преку директна инфекција, новиот коронавирус на крајот може да стане ендемичен вирус, сличен на оние што предизвикуваат настинка.

Се разбира, невозможно е со сигурност да се каже што ќе се случи во иднина, но некои тековни податоци го поддржуваат овој модел.

Колку и да се неверојатни новите иРНК вакцини, ниту една не е 100 отсто ефикасна во спречување на Ковид-19. И понатаму е можно некој да биде вакциниран и имун на Ковид-19, но сепак да го носи вирусот и да го шири наоколу.

Во доцните фази на клиничките испитувања, и вакцините на „Модерна“ и на „Фајзер“ беа 100 отсто ефикасни во спречување на тешки форми на Ковид-19, покажувајќи дека изложеноста на коронавирусот резултира со помалку тежок период на болеста доколку подоцна повторно личноста се сретне со вирусот. Понатамошна поддршка доаѓа од стапките на реинфекција. Додека истражувачите сè уште истражуваат колку е вообичаено една личност двапати да се зарази со Ковид-19, се чини дека е релативно ретка ситуација, а кога ќе се појави, вторите случаи се генерално поблаги од првите.

Сфаќањето на долгорочниот имунитет за Ковид-19, ќе трае најмалку две години. Иако во моментов има добри податоци што покажуваат дека имунитеттот трае осум месеци и повеќе, никој не знае со сигурност. И колку ќе биде опасен вирусот за неколку години во голема мера зависи од нашито имунолошки одговор на него.

Едно е сигурно: нашиот најдобар излез од пандемијата е широко распространета заштита, а вакцинацијата е најдобар начин да спасиме најмногу животи, истовремено создавајќи колективен имунитет.

Извор: Popsci.com
Фото: Freepik