Колумна: Радикална присутност - телото како уметност
Во рамките на општиот интерес на односот меѓу уметникот и уметничкото дело, во поново време влегува нов и посебен однос спрема поважните толкувања во проширувањето на границите на уметноста. Со цел да се минимизира важноста на творецот и традиционалните уметнички форми како што се сликарството, скулптурата и конвенционалните материјали за сликање, сега тие се отфрлаат поради појавувањето на перформансот како форма на современ уметнички израз. Станува збор за уметност која се појавува како бунт против традиционалната уметност во 1970 година, со излегување од ателјето и трансформирање на уметноста од елитистичка во уметност на акција, чин. Ваквите бришења на границите помеѓу уметностите се уште познати како „хепенинг“ во Америка, „акционизам” во Холандија, уметничка акција, социјална скулптура, провокација, интервенција, но и зачетоците на овој стил светските уметници ги манифестирале во фотографиите на Џексон Полок и неговото акционо апстрактно сликарство. Тоа е форма каде што живиот чин е израз на самото уметничко дело, односно наместо слика и објект, уметникот најчесто го користи телото како главен медиум, времето, просторот и пасивна-активна интеракција со публиката. Во некое минато и побавно време чинот на набљудување на уметноста бил доволен, но денес таа сѐ повеќе претставува интеракција и учествување.
Во тој свет, како синоним за телесна присутност и уметност на болка припаѓа современата уметница Марина Абрамовиќ (родена во Белград 1946), која живее и работи во Њујорк и е еден од пионерите на концептуалната уметност и перформансот. Како една од највлијателните и најрадикални уметници на 20 и 21 век, во нејзиниот имагинарен свет фокусот е на нејзиното тело, границите на издржливост, болка, контрола, присутноста и однос меѓу уметникот и публиката. Најчесто нејзините перформанси се долги, физички и ментално екстремни, каде што при присуството се поставуваат прашањата која е границата меѓу телото и умот, што е уметноста, моќта и ранливоста, односот уметник-публика, присутноста во моментот и болката како алат за спознавање. Денес е една од најпознатите светски уметници чии дела се чуваат во приватни и јавни колекции низ светот. Потаму, препознатлива е по своите шокантни спектакли, изразувајќи ја тенката линија помеѓу животот и смртта, по необичните перформанси кои често се толкувани како контроверзни, перверзни, вонземни и вулгарни. Во многу случаи ја тестира својата физичка издржливост и мазохизам, така што успева натчовечки да ја совлада човечката болка, со цел да предизвика реакција кај публиката.
Барајќи духовна и емоционална трансформација во нејзината работа, Марина Абрамовиќ постојано се изложува на физички и ментални крајности, вклучувајќи исцрпеност, болка и опасност што го загрозува животот. Така, на пример, во најрадикалното нејзино дело под наслов „Ритам 0“ таа неподвижно стои 6 часа, така што публиката има дозвола да прави што сака со неа, така што ќе изјави, цитирам: „...Она што го научив беше дека ако ѝ го оставите тоа на публиката, може да ве убие. Се чувствував навистина навредено, ми ја исекоа облеката, ми забија трње од роза во стомакот, едно лице ми го насочи пиштолот во главата, а друго ми го зеде. Создадена е агресивна атмосфера. По точно 6 часа, како што беше планирано, станав и почнав да одам кон публиката. Сите избега за да избегнат вистинска конфронтација”.
Всушност, ова дело е историско бидејќи ја менува улогата на публиката во уметноста, го отвора прашањето за етиката и границите, се користи во психологијата, филозофијата и социологијата, но и денес е релевантно. Во таква констелација на доловување недофатливи сили во човекот, ставајќи го сопственото тело во крајна опасност, се издвојуваат и други нејзини авангардни перформанси, како што се: „Ритам 10“, „Ритам 5“, Дела со Ула: „Односи и дуалност“, „Врска во простор“, „Вдишување-издишување“, „Љубовници“; „Балкан барок“, „Уметникот е присутен“ и др.
Имајќи ги предвид сите овие ризици и неизвесности, уметноста на Марина Абрамовиќ е јасна индикација за нејзината неконвенционална, интензивна, ритуална и катарзична природа во чинот-акција, каде што го поставува прашањето: „Колку можеш да издржиш?“ Други познати уметници и претставници на уметноста на перформансот се Џозев Бојс, Јоко Оно, Крис Бирден и Вито Аконци. Во перформансот под наслов „Уметникот е присутен”, одржан во МоМА Њујорк 736 часа (речиси 3 месеци), таа седи мирно на стол и еден посетител седи спроти неа, така што не е дозволено зборување, нема допир, туку само поглед и присутност. Смислата на ова дело е израз на присутност и емпатија, на еден внатрешен простор во кој целта не е дали ја разбираме уметноста, туку дали сме присутни во сопствениот живот. Фасцинантниот и славен момент на овој перформанс е кога се појавува нејзиниот поранешен љубовник и уметнички партнер Ула, каде што се гледаат, се насмевнуваат и на крај Марина ги прекршува правилата и му ги допира рацете.
Перформансот како уметнички дискурс кај Марина Абрамовиќ целосно ја брише границата помеѓу уметникот и гледачот, уметност и живот, субјект и објект. Таа не нуди готови одговори, туку отвора простор за лично соочување и одговорност. Впрочем, токму во тоа лежи нејзината визуелна стварност: нејзината уметност не бара да биде разбрана, туку доживеана.
Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност