Научници ја пронајдоа „Ахиловата пета“ на гренландскиот мраз
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ново истражување на Гренланд откри скриена геолошка слабост под гренландската ледена покривка - таен слој седимент, составен од мека почва и песок, кој придонесува за топење, распаѓање и уривање на поголем дел од глечерите.
Според ново истражување од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, овој слој, дебел до 200 метри (а на некои места и до 300 метри), функционира како природен лубрикант. Тој го намалува триењето меѓу мразот и подлогата, овозможува побрзо лизгање на глечерите кон океанот и значително го забрзува губењето на масата.
Истражувањето, објавено во списанието „Џиолоџи“, се базира на анализа на сеизмички податоци собрани од 373 мерни станици низ Гренланд во текот на последните две децении.
Истражувачите ги мереле доцнењата во сеизмичките бранови предизвикани од потреси. Сигналите се ширеле побавно низ мекиот слој, што јасно укажувало на присуство на седименти наместо цврста карпа.
- Ако поголема количина стопена вода стигне до дното, овие седименти можат дополнително да ја намалат цврстината, да го забрзаат текот на мразот и да го зголемат губењето на мразот во океанот. Тоа значи дека некои региони на Гренланд може да бидат почувствителни на климатските промени отколку што претпоставуваат сегашните модели - вели Јанг Јанг, главен автор на истражувањето и геофизичар од Институтот за океанографија.
Тој истакнува дека безбедноста на крајбрежните заедници зависи од прецизни прогнози, а сознанието дали подлогата е цврста карпа или мек седимент е клучно за подобрување на предвидувањата за порастот на нивото на морето.
Седиментите не се рамномерно распоредени. Подебели слоеви (до 200-300 метри) се наоѓаат во потопли и повлажни зони каде што мразот се топи оддолу, додека ги нема или се потенки во постудените, замрзнати подрачја. Ова објаснува зошто некои делови од ледената покривка се распаѓаат побрзо од очекуваното.
Седиментниот слој претставува и голема пречка за рударството и експлоатацијата на ресурси. Дупчењето низ стотици метри мека глина и песок доведува до оштетување на опремата, забавување на работите и зголемување на трошоците.
Сè поголемиот број ледени брегови што се одвојуваат во околните води ги загрозуваат потенцијалните офшор-нафтени платформи, а екстремната изолираност на Гренланд и недостигот од инфраструктура дополнително ги отежнуваат операциите, пренесува Phys.org.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik