ОН прогласија глобална состојба на „банкрот на водата“
Светот влегува во ера на „глобален банкрот на водата“, при што реките, езерата и подземните води се осиромашуваат побрзо отколку што природата може да ги надополни, соопшти истражувачкиот институт при Обединетите нации.
Се тврди дека децениите прекумерна употреба, загадувањето, уништувањето на животната средина и климатскиот притисок довеле до тоа многу водни системи да се оддалечат од точката на закрепнување.
- „Стресот од недостигот на вода“ и „криза со водата“ повеќе не се доволни описи на новите реалности за водата во светот - се вели во новиот извештај на истражувачкиот институт на ОН за вода, животна средина и здравје.
Овие термини се формулирани како предупредувања за иднината што сè уште може да се избегне, но светот веќе се преселува во „нова фаза“, се вели во соопштението.
Извештајот го предлага алтернативниот термин „банкрот на водата“ - состојба во која долгорочната употреба на вода го надминува повторното снабдување и ја оштетува природата толку сериозно, што претходните нивоа реално не можат да се обноват.
Ова се одразува во намалувањето на големите езера во светот и во растечкиот број на големи реки кои не успеваат да стигнат до морето во одредени делови од годината. Светот изгуби огромни пропорции на мочуришта, при што приближно 410 милиони хектари - речиси колку големината на Европската Унија - исчезнале во текот на изминатите пет децении.
Намалувањето на подземните води е уште еден знак за овој „банкрот“. Околу 70 % од главните подземни води што се користат за вода за пиење и наводнување покажуваат долгорочни намалувања, а побарувачката на вода ја надминува понудата. Климатските промени го усложнуваат проблемот, поттикнувајќи губење на повеќе од 30 % од масата на глечерите во светот од 1970 година и сезонското топење на мразот.

„Бидете искрени“
-Последиците беа видливи на секој населен континент, но не секоја земја имаше „банкрот на вода“ - изјави Кавех Мадани, директорот на институтот и автор на извештајот.
Мадани вели дека феноменот е „предупредување“ оти е неопходно преиспитување на политиките.
- Наместо да се пристапува кон недостигот на вода како кон нешто привремено, владите мора да бидат искрени и да прогласат банкрот денес. Да ја усвоиме оваа рамка. Да го разбереме ова. Да ја препознаеме оваа горчлива реалност денес, пред да предизвикаме неповратни штети - додава тој.
Извор: phys.org
Фото: Freepik