Остров каде што нема криминал, хотели и сигнал за мобилен
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали некогаш сте посакале да живеете подалеку од сè, во мало, уредено општество во кое сите се познаваат меѓу себе? Место каде што нема криминал, децата безгрижно трчаат каде сакаат, храната не се увезува, а сигналот за мобилен телефон речиси не постои?
Таква, речиси утописка заедница навистина постои.
Најизолираното населено место на светот
Британскиот остров Тристан да Куња се наоѓа среде Атлантскиот Океан и се смета за најоддалеченото населено место во светот. Станува збор за остров создаден од активен вулкан, а денес таму живеат нешто помалку од 300 жители.
Бродската линија сообраќа еднаш неделно, што е единствениот начин да се стигне до островот.
Единствениот град е на 2.800 километри од најблиското населено место
Главниот и единствен град на островот се вика Единбург на Седумте Мориња. Иако е британска прекуморска територија, од Обединетото Кралство е оддалечен речиси 10.000 километри.
Најблискиот град е Кејптаун во Јужна Африка, кој се наоѓа на околу 2.800 километри. Патувањето со брод трае шест дена, а островот нема аеродром, ниту писта за авиони.
На островот живеат околу 275 жители, кои водат мирен, речиси селски начин на живот. Сите се познаваат меѓу себе, а вратите од куќите не се заклучуваат бидејќи нема криминал.
Активниот вулкан на островот последен пат еруптирал во 1961 година, кога британската влада ги евакуирала сите жители и ги преселила во Англија. По две години, кога состојбата се стабилизирала, тие се вратиле и повторно го изградиле местото. Со нив дошле и неколку нови жители, привлечени од приказната за мирниот и изолиран живот.
Историја на населбата
Заедницата во Единбург на Седумте Мориња била основана во 1816 година од наредникот Вилијам Глас, откако Обединетото Кралство ја анектирало територијата на островот Тристан да Куња. Името го добила по принцот Алфред, војвода од Единбург, во чест на неговата посета на островот во 1867 година.
Денес, на островот има мало пристаниште, црква, училиште и пошта. Постои само еден пат што го поврзува населеното место со полињата со компири. Автомобили речиси и да не се користат, а по потреба жителите ги превезува минибусот наречен „Потејто печес флаер“.
Главна стопанска гранка е ловот, одгледувањето и извозот на ракови познати како тристански јастог. Секое од околу 80 семејства обработува своја земја, а најмногу се одгледува компир.
Островот не увезува храна. Жителите го јадат исклучиво она што е локално уловено или одгледано.
Иако интересот за туризмот расте, на островот нема хотели и ресторани, ниту класична туристичка инфраструктура. Секој што сака да го посети мора да се пријави кај администрацијата на островот дури една година однапред.
По добивањето дозвола, посетителите се сместуваат кај локални семејства, кои ги примаат во своите домови.
Без сигнал, со бавен интернет
На островот нема сигнал за мобилни. Во поштата постои телефонска говорница, а интернет е достапен само преку сателитска врска која е многу бавна и ограничена. Затоа престојот на островот претставува одмор од цивилизацијата, технологијата и забрзаниот современ живот.
Извор:
Nezavisne.com
Фото: Screenshot/YouTube