Вероника - паметната крава што ги збуни и изненади научниците

Вероника - паметната крава што ги збуни и изненади научниците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кравите отсега можат да се вбројат меѓу животните за кои е докажано дека намерно користат алатки и ги приспособуваат за различни задачи.

Во серија контролирани експерименти, една швајцарска кафеава крава по име Вероника ја демонстрирала својата вештина за користење алатки, откривајќи ниво на приспособливост што ретко се документира кај животни кои не се примати.

- Овие наоди покажуваат дека претпоставките за интелигенцијата на домашните животни можеби повеќе зборуваат за празнини во нашите набљудувања отколку за вистински когнитивни ограничувања - вели когнитивниот биолог Алис Ауерсперг од Универзитетот за ветеринарна медицина во Виена.

Намерното и флексибилно користење алатки долго време се сметаше за карактеристика на напредна когнитивна способност. Во поголем дел од модерната наука луѓето се сметале себеси за единствените суштества со ваква способност, став што подоцна бил коригиран со откритија дека и многу други животни, од врани и орки до инсекти, користат алатки.

За секој што поминал време во близина на крави, веројатно не е големо изненадување дека зад тие мирни, влажни очи се крие многу повеќе. Сепак, релативно малку се знае за тоа како тие манипулираат со предмети за да ги задоволат сопствените потреби.

Вероника е крава-милениче и член на семејството на австрискиот земјоделец и пекар Витгар Вигеле. За него, нејзините „акробации“ не се ништо ново. Повеќе од една деценија ја набљудува како зема и користи стапчиња за да се почеша по места на телото што не може да ги достигне.

krava
Фото: Antonio J. Osuna Mascaró

Но, кога Ауерсперг и нејзиниот колега Антонио Осуна-Маскаро виделе видео од ваквото однесување, веднаш им го привлекло вниманието.

- Кога ја видов снимката, веднаш беше јасно дека ова не е случајно. Стануваше збор за значаен пример на користење алатки кај вид што ретко се разгледува од когнитивна перспектива - вели Ауерсперг.

Затоа истражувачите отпатувале за да ја запознаат оваа необична крава и смислиле експериментален протокол за да утврдат колку е навистина софистицирано нејзиното користење алатки.

Тестот бил едноставен. На Вероника ѝ бил понуден асиметричен предмет, со различна функција на секој крај, во овој случај, метла со тврди влакна на едниот крај и рачка на другиот.

Истражувачите претпоставиле дека Вероника ќе го користи крајот со влакната на метлата на доследен начин за да се почеша на тешко достапни места. Таквото однесување би укажувало на намера: дека таа препознала што може да направи алатката и потоа ја користела токму за таа цел.

Во текот на седум сесии, секоја со по 10 обиди (вкупно 70), научниците ѝ ја давале метлата во различни, случајни ориентации. Кравата ја земала метлата и ја користела за да се почеша на тешко достапни места 76 пати. Но, таа не само што ги исполнила очекувањата, туку целосно ги надминала.

Навистина го користела крајот со влакната за чешање, но го користела и крајот со рачката. А изборот зависел од чувствителноста на кожата. Подебелата кожа на грбот и слабините ги „третирала“ со влакната, додека потенката кожа на стомакот, вимето и задниот дел со рачката.

Покрај тоа, и начинот на користење бил контекстуално приспособен. За влакната користела пошироки, помалку контролирани движења, а за рачката попрецизни и насочени.

 

- Бидејќи ја користи алатката на сопственото тело, ова претставува егоцентрична форма на користење алатки, која генерално се смета за помалку сложена од користењето алатки насочено кон надворешни објекти. Истовремено, таа се соочува со јасни физички ограничувања бидејќи мора да манипулира со алатките со устата. Она што е навистина впечатливо е начинот на кој ги компензира овие ограничувања. Го предвидува исходот од своите дејства и соодветно ги приспособува стисокот и движењата - вели Осуна-Маскаро.

Способноста да се користат различни карактеристики на една алатка за извршување различни функции се нарекува мултифункционално користење алатки и е ретка појава во дивината. Истражувачите велат дека освен луѓето, само шимпанзата се доследно документирани како го прават тоа. Но, тоа не значи дека другите животни не се способни.

Научниците сметаат дека околностите во кои живее Вероника можеби придонеле за развојот на овие вештини. Таа има околу 13 години; повеќето крави што живеат покрај луѓе не доживуваат толкава возраст, главно комуницираат со други крави во строго контролирани средини, ретко се внимателно набљудувани и ретко им се нуди разновидност од предмети за „игра“.

- Се сомневаме дека оваа способност е многу пораспространета отколку што досега е документирано. Ги повикуваме читателите што забележале крави или бикови како користат стапчиња или други предмети за наменски дејства да нè контактираат - вели Осуна-Маскаро.

Извор: Science Alert
Фото: Antonio J. Osuna Mascaró