Зошто секогаш има место за десерт - објаснува специјалист по анатомија

Зошто секогаш има место за десерт - објаснува специјалист по анатомија

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Станувате од масата по празничниот ручек, сити од одличната гозба. Навистина не можете да каснете уште еден залак - освен, можеби, малку пудинг. Некако, без разлика колку сте јаделе, секогаш имате место и за десерт. Зошто? Што е тоа во слатката храна што нè искушува да речеме „ох, ајде само едно парче“?

Јапонците совршено го доловуваат ова со зборот „бетсубара“, што значи „одделен стомак“. Анатомски гледано, нема дополнителен оддел во стомакот, но чувството дека сè уште има простор за благо е доволно широко распространето за да заслужи научно објаснување.

Далеку од тоа дека е имагинарно, чувството одразува низа физиолошки и психолошки процеси, кои заедно го прават десертот уникатно привлечен, дури и кога главното јадење што сте го изеле било вашата граница за ситост.

Добро место за почеток е самиот стомак. Многу луѓе го замислуваат како кеса со фиксна големина што се полни  сè додека не може да издржи повеќе. Всушност, стомакот се растегнува и се приспособува. Кога почнуваме да јадеме, тој се подложува на „гастрична акомодација“: мазните мускули се опуштаат создавајќи дополнителен капацитет без големо зголемување на притисокот.

Клучно е што меката и слатката храна бараат многу малку механичко варење. Тешкото главно јадење може да предизвика желудникот да го чувствувате како да е надуен, но лесниот десерт, како што е сладолед или мус, едвај го оптоварува, па желудникот може дополнително да се опушти за да направи простор.

Хедонистички глад

Голем дел од желбата за јадење пудинг доаѓа од мозокот, поточно од невронските патишта вклучени во областа за награда и задоволство. Апетитот не е регулиран само од физичкиот глад. Постои и „хедонистички глад“, желбата да се јаде затоа што нешто е пријатно или утешно.

Слатката храна е особено моќна во овој поглед. Таа го активира мезолимбичниот допамински систем на мозокот, зголемувајќи ја мотивацијата за јадење и привремено ослабувајќи ги сигналите за ситост. 


Друг механизам е сензорно-специфичната ситост. Додека јадеме, реакцијата на нашиот мозок на вкусовите и текстурите од чинијата постепено се намалува, правејќи ја храната помалку интересна. Воведувањето различен профил на вкусови - нешто слатко, кисело или кремасто - го освежува наградувачкиот одговор.

Десертите, исто така, се однесуваат поинаку кога ќе стигнат до цревата. Во споредба со храната богата со протеини или масти, храната базирана на јаглехидрати бара релативно малку разградување, што придонесува за перцепцијата дека е полесно да се свари дури и кога сте сити.

За многу луѓе, десертот е поврзан со прослава, дарежливост или удобност. Уште од детството учиме да ги сметаме пудинзите и слатките за закуски или како задолжителен дел на празничните оброци. Студиите постојано покажуваат дека луѓето јадат повеќе во социјални средини, кога храната се нуди слободно или за време на посебни пригоди - ситуации каде што десертот обично го има.

Автор: Мишел Спир, проф. по анатомија на Универзитетот „Бристол“ 

Извор: theconversation.com

Фото: Freepik