Иднината на вселената може да зависи од самоуништувачките сателити

Иднината на вселената може да зависи од самоуништувачките сателити

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако ја комерцијализираме вселената, треба да ја одржуваме чиста


Каде и да одат луѓето, ги следат машините. Од 50-тите години наваму човештвото испрати сателити подлабоко во вселената отколку што можеше да се замисли - вклучително и на Месечината, Марс, далечни планети, па дури и во меѓуѕвезден простор.

Сепак, во ниската Земјина орбита иднината на вселената не изгледа сјајно. Таа е полна со над 7.500 метрички тони вселенски отпад од 50-годишно испраќање научни, воени и (претежно) комерцијални сателити. Наскоро вселената ќе стане индустрија вредна 2,7 трилиони долари, додека мегасоѕвездијата како „Старлинк“ на „Спејс екс“ го полнат ноќното небо со комерцијални сателити.

Ако продолжиме да испраќаме маса во ниската Земјина орбита, треба да најдеме начин да го отстраниме отпадот од орбитата, истовремено осигурувајќи се дека новите дополнувања на металниот облак се со краток животен век.

Соѕвездието на интернет-сателити на „Спејс екс“ расте побрзо од која било друга сателитска програма и оваа година има лансирано најмалку 60 сателити, додека вкупно се лансирани 1.100, а плановите се да има до 42.000 сателити во орбитата. Додека тие се дизајнирани природно да се отстранат од орбитата кога ќе им „умрат“ моторите, во меѓувреме додаваат значителна активност на веќе полната метална обвивка.

Дополнително, сателитите од „Старлинк“ можат да ги попречат опсервациите на астрономите од Земјата. „Спејс екс“ развива модели кои треба да бидат помалку рефлектирачки и да изгледаат помалку видливи за набљудувачите на Земјата, но неодамнешна студија посочува дека затемнетите модели нема да ја намалат „вревата“ од светлосното загадување.

Минатата недела холандската ИоТ (internet-of-things) компанија „Хибер“ соопшти дека нејзината неодамна лансирала втора генерација сателити во форма на коцка, наречени „Кјуб сат“, е со погон кој ќе им помогне на инженерите да сопираат потенцијални судири. Но клучно е што тоа се сателити со мала маса кои ќе се деорбитираат, упатувајќи се назад во атмосферата за да изгорат по поминувањето на нивниот животен век.

Јапонската вселенска агенција, исто така, планира да тестира самоуништувачки сателит со цел да ја адаптира нејзината флота во ниската Земјина орбита која постојано расте без да додаде уште повеќе вселенски отпад. Техниката била развиена со помош на јапонски стартап наречен „АЛЕ Ко“ и ќе биде тестирана годинава на микросателит, а доколку функционира, Јапонската вселенска агенција се надева дека ќе им ја продава на комерцијалните производители на сателити.

Но, како ќе знаеме каде да бараме вселенски отпад за да го исчистиме и како ќе знаеме дали нашите напори дале резултат? Компанија наречена „Нортстар“ ја набљудува вселената од вселената преку соѕвездие од сателити со наменски оптички сензори. Таа би можела да помогне во целиот процес.

Сателитите и вселенските бродови без екипаж многу придонесоа за истражувањата. Со проширувачката мрежа на ИоТ-технологијата и општествената зависност од геостационарните сателити, дополнително на сѐ поголемите комерцијални интереси, треба да се осигуриме дека ќе научиме како да го контролираме отпадот на Земјата пред да преминеме на Месечината и на Марс.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay