Јованче Сарагиновски од Велес - панк-рок гитарист кој изработува ракотворби од дрво

Јованче Сарагиновски од Велес - панк-рок гитарист кој изработува ракотворби од дрво

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Од моментот кога неговата сопруга сподели фотографија на социјалните мрежи, хобито на Јованче Сарагиновски прерасна во декоративна уметност.

Сарагиновски не очекувал дека приказната за изработки на рачни украси и изработки од дрво и рециклиран материјал, која почнала пред три години, ќе има одлични реакции кај публиката.

- Првата изработка ја направив пред три години, во текот на пандемијата. Дрвната изработка ја донесов дома и моите позитивно изреагираа. Потоа сопругата ја објави на социјалните мрежи и делото доби навистина позитивни реакции. Тоа ми предизвика уште поголема желба да почнам со нови креации - истакна 44-годишниот велешанец Сарагиновски.



Јованче е гитарист во панк-рок бендот „Оловна рестрикција“, а со овој редок занает почнал да се занимава за да си го исполни слободното време.

- Занаетот го научив сам. Гледав видеа на интернет од слични изработки и креации. Ги научив начините на обработка на дрвото, цртање на материјалот, подготовка и дизајн - истакна тој.

За изработка на украс од дрво, Јованче користи старо дрво кое има свое минато и душа. Во најголем дел од креациите се користат и стари шрафови, односно сѐ што ќе му дојде при рака за да ја оствари својата замисла.


- За изработка користам старо дрво, метал, бои, лакови и најчесто материјали за рециклирање. На почетокот побавно ги изработував украсите, но како што набавував сѐ повеќе алати за резбање и како што одминуваше времето, станав побрз и делата беа поквалитетни. Треба да се внимава многу при користењето на секој алат. Потребна е голема прецизност бидејќи секоја изработка претставува целина од повеќе делови. Секоја изработка нуди нова приказна. Креациите не се сериски и затоа секоја е уникатна и приказна за себе - објасни Сарагиновски.

Во бендот „Оловна рестрикција“ е од 2009 година, а претходно свирел во други бендови. Јованче вели дека не било тешко да се спојат двете уметности.



- И двете работи се креативни, нема ограничувања во создавањето и даваат слобода во изразувањето. Инспирацијата ја наоѓам насекаде околу мене, во формата, во архитектурата, во слободата на изразувањето - коментира велешкиот занаетчија.



Делата на декоративна и применета уметност имаат естетски квалитет, служат за украсување на секојдневниот живот и ентериерот. Концептот за уметност и занаети е доста широк и повеќеслоен, а во научната литература се вели дека датира од 19 век. Сепак, кај нас, е малку застапен.

- Овој начин на изработка е малку застапен кај нас. Мило ми е што луѓето позитивно реагираат на моите изработки. Секаде во светот се ценат рачно изработените работи бидејќи се вложува дел од себе – додава тој.



Приказната на Јованче е единствена затоа што ретко кој во Македонија го работи ова како занает, а новите генерации не се премногу заинтересирани да го одржат во живот занаетот. Згора на тоа, неговите изработки поттикнуваат среќа кај оние што ќе ги добијат на подарок и поттикнуваат грижа за околината преку рециклирање и користење стари предмети токму за вакви ракотворби.




Фото: приватна архива