Големо истражување открива од каде навистина потекнува гихтот

Големо истражување открива од каде навистина потекнува гихтот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Гихтот често се поврзува со прекумерно консумирање алкохол или нездрава исхрана, но ново истражување покажува дека генетиката има многу поголема улога во развојот на оваа болна форма на артритис отколку што досега се мислело.

Во 2024 година меѓународен тим од научници анализирал генетски податоци од 2,6 милиони луѓе, собрани од 13 различни ДНК-бази на податоци. Во оваа бројка биле вклучени и 120.295 лица кај кои веќе бил дијагностициран гихт.

Со споредување на генетските кодови на луѓето со гихт и оние без оваа состојба, истражувачите идентификувале 377 специфични ДНК-региони со варијации поврзани со болеста. Од нив, 149 претходно воопшто не биле поврзани со гихт.

Иако животниот стил и факторите од околината и понатаму имаат одредено влијание, резултатите укажуваат дека генетиката е клучен фактор за ризикот од развој на гихт. Научниците сметаат дека е можно да постојат генетски врски кои сѐ уште не се откриени.

- Гихтот е хронична болест со генетска основа и не е вина на пациентот. Мит е дека гихтот е предизвикан исклучиво од начин на живот или исхрана и тој мора да се разбиe - вели епидемиологот Тони Мериман од Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд.

Гихтот настанува кога нивото на мочна киселина во крвта е високо, при што се формираат остри кристали во зглобовите. Кога имунолошкиот систем ќе почне да ги напаѓа овие кристали, се јавуваат воспаление и силна болка.

Според истражувачите, генетиката има важна улога во секоја фаза од овој процес, од начинот на кој телото ја транспортира мочната киселина до веројатноста имунолошкиот систем да реагира на кристалите.

Гихтот може да се појавува периодично, но постојат терапии кои можат да ја држат состојбата под контрола. Сепак, авторите на истражувањата предупредуваат дека погрешните претстави за болеста често ги одвраќаат луѓето да побараат медицинска помош, што е особено загрижувачко со оглед на тоа што бројот на случаи постојано расте.

 

- Овој широко распространет мит создава чувство на срам кај луѓето со гихт, поради што дел од нив тивко трпат и не одат на лекар за да добијат превентивна терапија - вели Мериман.

Покрај подоброто разбирање на причините за гихтот, истражувањето им отвора нови можности на научниците во развојот на терапии, особено во делот на контролирање на имунолошкиот одговор на насобирањето мочна киселина. Истражувачите посочуваат дека дури и некои постојни лекови би можеле да се пренаменат за оваа цел.

Сепак, истражувањето има одредени ограничувања: најголемиот дел од податоците се од лица со европско потекло, а дел од случаите се базираат на самопријавување на болеста наместо на клиничка дијагноза.

- Се надеваме дека со текот на времето, врз основа на новите цели што ги идентификувавме, ќе станат достапни подобри и попристапни терапии. Гихтот заслужува повисок приоритет во здравствениот систем - вели Мериман.

Извор: ScienceAlert
Фото: Freepik