Може ли вашиот мобилен телефон да потрае уште некое време

Може ли вашиот мобилен телефон да потрае уште некое време

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали е време за нов телефон или тој што го имате може да потрае уште една година – ова е прашање за кое не мора да се одлучува врз основа на модата или календарот. Доволно е да се погледне како се однесува уредот при секојдневна употреба. Ако се појават следните три предупредувања, одговорот е јасен.

Бавно работење и прегревање

Ако телефонот почне бавно да реагира, анимациите повеќе не се мазни, апликациите се отвораат побавно или уредот се исклучува повремено, се загрева дури и без тешки задачи, ова е знак дека хардверските можности се исцрпуваат. Во таа фаза може да се проба „дигитално чистење“ - ослободување на меморијата, бришење на неискористени апликации, фотографии и видеа. Ако повторно се појавуваат овие проблеми, јасно е дека процесорот и меморијата повеќе не можат да ги задоволат потребите и дека замената на уредот е најдоброто решение.

Значително полоша автономија на батеријата

Батеријата има ограничен животен век и го губи капацитетот со текот на времето. Кога ќе забележите дека процентот на полнење нагло опаѓа, времето на мирување е значително пократко или индикаторот за батеријата станува несигурен, треба да бидете внимателни. Современите телефони често нудат увид во состојбата на батеријата, што може да послужи како добар водич. Ако батеријата е променета неколку пати, а автономијата е сè уште слаба, тоа обично значи дека и остатокот од хардверот старее, па затоа дополнителните трошоци за сервис повеќе немаат смисла.


Крај на безбедносните ажурирања

Кога телефонот ќе престане да прима системски ажурирања и безбедносни надградувања, тој технички може да работи, но останува незаштитен. Новите функции стануваат недостапни, а безбедносните недостатоци не се поправаат, што носи сериозен ризик на долг рок. Во последниве години производителите го продолжија периодот на поддршка, па затоа некои модели добиваат ажурирања до седум години. Ако уредот е надвор од поддршка и се користи за електронско банкарство, работа или складирање чувствителни податоци, префрлањето на нов телефон е разумна одлука.

Заклучокот е едноставен: телефонот не треба да се менува затоа што е стар, туку кога перформансите, батеријата или безбедноста повеќе не ги исполнуваат основните барања. 

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik