Норвешка метеоролошка ракета за малку не предизвикала нуклеарна војна во 1995 година

Норвешка метеоролошка ракета за малку не предизвикала нуклеарна војна во 1995 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Норвешка ракета, истрелана на 25 јануари 1995 година за да ја проучува поларната светлина, била погрешно сфатена во Русија како нуклеарен проектил кој доаѓа директно кон Москва.

Во текот на нешто повеќе од еден час во тој студен зимски ден светот се соочил со најлошиот кошмар на Студената војна. 
На 25 јануари 1995 година воени техничари кои биле на смена во радарските станици низ Северна Русија забележале заканувачка точка на нивните екрани.

Ракетата била лансирана покрај норвешкиот брег и забрзано се движела кон Москва.

Каде се упатила и дали претставувала закана?

Повеќето претпоставувале дека ваквите нуклеарни тензии исчезнале заедно со Берлинскиот ѕид. За оние што го надгледувале небото, можниот исход бил застрашувачки. Тие знаеле дека еден проектил истрелан од американска подморница во тие води може да пренесе осум нуклеарни боеви глави до Москва во рок од 15 минути.

Пораката брзо била пренесена до тогашниот руски претседател Борис Елцин. Тој станал првиот светски лидер што ја активирал „нуклеарната актовка“, куфер што содржи инструкции и технологија за детонирање нуклеарни бомби.

Од крајот на Втората светска војна, државите со нуклеарно оружје воделе политика на спречување, заснована на идејата дека ако завојуваните страни извршат масивни нуклеарни напади, тоа ќе доведе до заемно уништување. Во тие моменти Елцин и неговите советници морале итно да одлучат дали да одговорат.

Како што сега знаеме, овој загрижувачки синџир на настани не завршил катастрофално. И покрај зголемените тензии, приказната завршила како забавен прилог на крајот од вечерните вести, со песната „We Will All Go Together When We Go“ од Том Лерер.

Подоцна, норвешки службеник потврдил дека лансирањето било ненасилно. Излегло дека ракетата била лансирана за да собере научни податоци за поларната светлина, позната како аурора бореалис. Тоа било дел од рутинска научна програма на цивилен ракетен полигон за прибирање информации за овој уникатен метеоролошки феномен.

 

Ракетата паднала како што било планирано, во морето близу арктичкиот остров Спицберген, далеку од рускиот воздушен простор.

Иако катастрофата била избегната, останува загриженоста дека една безопасна метеоролошка ракета може да предизвика толкава паника.

Извор: BBC 
Фото: Screenshot/YouTube