Првата страница и првото видео од „Јутјуб“ завршија во трајна поставка во музеј во Лондон

Првата страница и првото видео од „Јутјуб“ завршија во трајна поставка во музеј во Лондон

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон официјално го објави новиот експонат на својата колекција на дигитални артефакти. Ја набавил првата страница за гледање видеа на „Јутјуб“ што некогаш била поставена, заедно со придружното видео „Јас во зоолошката градина“. 

Ова е првпат постојаната колекција на музејот да го вклучи не само видеоформатот, туку и целиот дизајн на интерфејсот и корисничкото искуство од 2005 година, како дел од пошироката иницијатива на музејот за документирање на дигиталниот дизајн што ја обликувал модерната комуникација.

Првото видео, кое е долго само 19 секунди, го прикажува коосновачот на „Јутјуб“, Џавед Карим, пред кафез за слонови во зоолошката градина во Сан Диего. Иако е едноставно, ова видео стана основа на нова ера во која корисниците стануваат креатори на содржини. Преку ова, музејот има цел да го зачува препознатливиот визуелен идентитет од раните фази на веб 2.0, вклучувајќи ги копчињата за интеракција и основниот распоред на страницата.

Архивиран дизајн и код

Процесот бил технички предизвикувачки бидејќи дигиталните артефакти бараат поинаков пристап. Кураторите соработувале со тим од „Јутјуб“ и „Гугл“ за да го реконструираат и зачуваат изворниот код на страницата од април 2005 година. Целта не била само да се сними видео, туку да им се даде на идните генерации увид во тоа како изгледала платформата кога била првпат создадена, пред алгоритмите и сложените рекламни системи целосно да го променат нејзиното лице.

Одлуката да се вклучи „Јутјуб“ во колекцијата на одделот за дизајн, архитектура и дигитална технологија ја истакнува важноста на дигиталното наследство.


Долгото патување од мрежата до музејот

Бидејќи „Јутјуб“ е динамичен „објект“ што се менува со секоја посета, тимот морал внимателно да избере фиксен момент во времето за да го архивира. Наместо да го користи кодот од интерните архиви на „Јутјуб“, за кој немало докази за вистинска употреба, тимот одлучил да користи записи од „Вејбек машин“, поточно верзијата активна на 8 декември 2006 година.

Главниот предизвик била технолошката застареност на системот, особено приспособениот видеоплеер на „Јутјуб“. За да ја врати оваа функционалност во живот, тимот го користел „Рафл“, емулатор со отворен код кој континуирано се одржува, така што музејскиот „експонат“ ќе остане функционален засекогаш.

Вложен е дополнителен напор за постигнување автентично визуелно искуство, кое се разликува од денешните стандарди за висока резолуција. За реплицирање на елементите на интерфејсот од таа ера, била користена посебна екстензија за прелистувач, додека самата галерија користи екрани со пониска резолуција за верно да го претстави интерфејсот на „Јутјуб“ каков што бил некогаш. Деталната реконструкција била завршена со оригинални реклами од 2006 и 2007 година, пронајдени во архивата на „Јутјуб“.

Извор: bug.hr

Фото: Victoria&Albert Museum London screenshot