Меѓународен симпозиум по повод 50 години постоење на Лекторатот по македонски јазик во Париз

Меѓународен симпозиум по повод 50 години постоење на Лекторатот по македонски јазик во Париз

Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој е најстар и постои 50 години, утре ќе го одбележи јубилејот со меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во француската престолнина.

Како што соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), на симпозиумот ќе има учесници од седум држави – странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети.

-Почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура од Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис, заедно со македонските учесници ќе ја испратат пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следуваат - информира МСМЈЛК при УКИМ.
МСМЈЛК наведува дека организацијата на овој меѓународен симпозиум по повод полувековниот јубилеј е „валоризација на постигнатото во изминатите пет децении и влог во ново поглавје на афирмирањето на македонските културни вредности и на развивањето на научниот интерес за македонистиката во Франција и воопшто на меѓународен план“.

Во рамките на симпозиумот се предвидени три тркалезни маси, од кои една ќе биде посветена исклучиво на македонистиката во Франција и, според најавата, ќе се обратат директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО.

Со свои излагања ќе учествуваат и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монтпелиер 3“.

-Две тркалезни маси на симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов – 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов. Со нив ќе продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј, кое вчера, на Светскиот ден на поезијата започна во седиштето на УНЕСКО, но и воопшто меѓународната афирмација на неговото творештво во текот на јубилејната година, која започна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, информира МСМЈЛК при УКИМ.

Извор: МИА