МОН објави повик за доделување парична награда за средношколци кои освоиле медал на меѓународен натпревар по математика и природни науки

МОН објави повик за доделување парична награда за средношколци кои освоиле медал на меѓународен натпревар по математика и природни науки

Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование.

На повикот може да се пријават:

- ученици - државјани на Македонија, запишани во средно училиште на територијата на Македонија и

- наставник - државјанин на Македонија, вработен во средно училиште на територијата на Македонија, кој го подготвувал ученикот за натпреварот,

а кои освоиле прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, одржан во учебната 2022/2023 година.

Во повикот е наведено дека под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и притоа се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се рангираат нивните постигнувања.

МОН ќе додели поединечно парична награда во износ од 50% од просечната нето-плата исплатена по работник во Македонија во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40% за освоено второ место и 30% за освоено трето место.

Повикот е отворен и пријавите може да се доставуваат преку пошта на следната адреса: ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со назнака „За Јавен повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование“, најдоцна до 31.8.2023 година.

За тоа кои документи ви се потребни, можете да прочитате ТУКА.