МОН: Во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, укинувањето е дел од напорите да се спречи одливот на работници

МОН: Во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, укинувањето е дел од напорите да се спречи одливот на работници

Министерството за образование и наука ги извести сите јавни средни училишта во државата кои имаат добиено верификација за изведување на настава од здравствена струка дека запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија.


Од МОН појаснуваат дека претходно запишаните вонредни ученици продолжуваат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици. пак, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, во согласност со квотите кои ќе бидат утврдени во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.

-Одлуката на МОН првенствено е од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар. За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени. Исто така, оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата - стои во соопштението.

Од МОН истакнуваат дека дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени.

Од МОН информираат дека се работи за времена одлука, а во периодот што следи, како што наведуваат, фокус ќе биде ставен на можностите за унапредување на вонредното образование од здравствената струка, со цел граѓаните кои ќе се одлучат за оваа опција, да стекнуваат соодветни знаења и вештини, но и притоа да бидат мотивирани за реализација на личниот потенцијал во сопствената земја.