Стресот и траумата можат да ја променат вашата ДНК и да остават траги кај вашите деца и внуци
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дека траумата има краткорочни последици е одамна познато. Оние што се соочиле со некаква траума искусиле главоболки, промени во апетитот и спиењето, анксиозност, страв и проблеми со концентрацијата. Но, најновото истражување покажува дека тежок стрес, особено оној предизвикан од војна, остава епигенетски „белези“ на ДНК, кои се пренесуваат со генерации.
Концептот на меѓугенерациска траума не е нов. Веќе е утврдено дека трауматските искуства на родителите значително го зголемуваат ризикот од депресија и други ментални нарушувања кај нивните потомци.
Новото истражување, во кое биле анализирани ДНК-примероци на 48 сириски семејства низ три генерации, го потврдува овој феномен.
Траумата остава биолошки траги
- Истражувањето документира траги од стрес и траума во телото, длабоко под кожата. Нашите откритија се прв доказ дека насилството остава епигенетски промени во геномот, што има сериозни импликации за тоа како трауматските искуства стануваат дел од ДНК и опстојуваат низ генерации - вели Кетрин Пантер-Брик, антрополог од Универзитетот „Јејл“.
Научниот тим ги проучувал жените што биле бремени за време на насилните судири во Сирија во раните 80-ти години и 2011 година.
Нивната ДНК била споредена со ДНК на членови од 16 семејства кои ја напуштиле Сирија пред 1980 година, пред да започнат децениските конфликти. Собрани биле вкупно 131 примерок од брисеви од образи – од 45 помлади деца, 37 постари деца, 47 мајки и две баби.
- Луѓето што учествуваа во истражувањето го направија тоа од љубов кон своите деца и грижа за идните генерации. Но, повеќе од тоа, тие сакаа нивната приказна за траумата да биде слушната и признаена - вели Дима Хамадмад, сириска истражувачка и коавторка на истражувањето.
Генетските промени што ги остава траумата
Истражувачите анализирале 850.000 места на ДНК-метилација: процес во кој мали хемиски ознаки, познати како метилни групи, се додаваат на ДНК и можат да ја променат експресијата на гените без да ја менуваат самата секвенција на ДНК.
Кај мајките и децата што биле директно изложени на насилство биле идентификувани промени на 21 локација во нивната ДНК. Кај внуците на жените што ги преживеале конфликтите во 80-тите години се откриени модификации во 14 генетски региони.
Исто така, научниците утврдиле дека оние што биле изложени на насилство уште во утробата покажуваат знаци на забрзано стареење на клеточно ниво, иако сè уште не е јасно какви здравствени последици може да има тоа.
Резултатите од истражувањето беа објавени минатиот месец во списанието „Сајентифик рипортс“. Авторите на истражувањето повикуваат на дополнителни анализи за долгорочните последици од насилството, вклучително семејното насилство, сексуалното насилство и вооружените конфликти.
- Самата идеја дека траумата и насилството можат да имаат последици низ повеќе генерации треба да поттикне поголема емпатија и да ги натера носителите на одлуки да посветат повеќе внимание на овој проблем - вели Кони Малигaн, коавторка на истражувањето и додава дека тоа би можело да помогне да се објаснат некои од навидум непрекинатите меѓугенерациски циклуси на насилство, сиромаштија и траума што ги гледаме низ светот.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Freepik