Американската пријателка на Ана Франк со која си пишувала писма

Американската пријателка на Ана Франк со која си пишувала писма

Подготвил: Тамара Гроздановски

Иако станува збор за еднократна размена на писма меѓу двете девојки - една од град во Ајова, а друга од Амстердам, писмата се од голема вредност.

Затоа што едната од тие девојки била Ана Франк.

Данвил, град во југоисточниот дел на Ајова, на само 16 километри од реката Мисисипи, е место каде што започнала приказната за оваа кратка кореспонденција. Сега, оваа кореспонденција ќе биде дел од изложба што ќе се отвори на 16 април 2018 година.

Дизајнот на изложбата ќе вклучува конвергенција на два свет: едниот на Ана Франк и нејзиното семејство, а другиот на Хуанита и Бети Ан Вагнер, две девојки од Данвил кои добиле писма од Ана и нејзината сестра, Маргот. Изложбата ќе има временска рамка, што ќе започнува од 20-тите до 1945 година, споредувајќи ги настаните во Европа со оние во Америка. Исто така, ќе има и копија од горниот кат на Тајниот анекс каде што се наоѓало семејството Франк и четворица други Евреи.

„Знаевме за писмата многу години. Ова е од големо значење за Данвил; писмата потекнуваат од тука“, вели Џанет Хеслер, секретарка од средно училиште во училишната област Данвил.

Приказната за писмата започнала со Бирди Метјус, наставничка во седмо и осмо одделение. Таа била и светски патник, па во текот на летниот распуст, често патувала во Европа. За нејзините патувања им раскажувала на учениците, па ги поттикнувала да пишуваат писма со други ученици од други земји.

„Секоја година, нејзините ученици пишувале писма за ученици од целиот свет и ги разменувале со ученици од други училишта“, раскажува Хеслер.

Во јануари 1940 година, Метјуз добила листа на имиња на ученици од 6-то училиште Монтесори во Амстердам, во која била вклучена Ана Франк. Во училиштето во Денвил, 10 годишната Хуанита Вагнер го избрала името на Ана Франк; Ана била на иста возраст како неа. Во нивните писма, тие споделиле неколку детали за себеси. Во писмото на Хуанита пишувало дека таа живее на фарма со нејзината мајка и сестра ѝ Бети; нејзиниот татко бил починат. Во одговорот датиран на 29 април 1940 година, Ана пишувала за нејзиното училиште, дека живеела со родителите, сестра ѝ и баба ѝ. Таа ѝ кажала на Хуанита дека роденден ѝ е на 12 јуни, и побарала од неа да ѝ испрати слика за да види како изгледа.

Исто така, Ана споменала дека нејзините пријателки би сакале да започнат да им пишуваат писма на пријателките на Хуанита. Споменала и дека собирала разгледници, а во писмото имало и разгледница од каналите на Амстердам и нејзина училишна фотографија.
ana frank
Фото: Swann Auction Galleries

Писмото на Ана содржело уште едно писмо од нејзината сестра Маргот. Писмото на Маргот се разликувало и пишувало за тоа што се случувало во Европа во тоа време. Маргот во него напишала дека слушале вести на радио.

„Маргот била многу посвесна за настаните што се случувале тогаш. Таа дури и зборувала за тоа дека имала братучед во Швајцарија меѓутоа не можела да го поести, бидејќи не биле дозволени визи надвор од земјата“, вели Хеслер.

Семејството Франк еднаш се преселило. Во 1933 година, Ана Франк заедно со нејзиното семејство избегале од Франкфурт во Холандија поради зголемувањето на антисемитизмот во нацистичка Германија. Но на 10 мај 1940 година, германските сили ја нападнале Холандија со инвазија толку брза и брутална што холандската војска го признала поразот пет дена подоцна. Така, немало повеќе писма од Амстердам до Данвил.

Во јули 1942 година, Маргот добила документи за повик; морала да се пријави за германски работен камп. Поради ситуацијата со Евреите, семејството Франк одлучило да се скрие во Тајниот анекс, задниот дел од зградата каде што таткото на Ана Франк, Ото Франк, работел. Биле откриени за време на рацијата на 4 август 1944 година и однесени во концентрациони логори. Ото бил единствениот член на семејството што го преживеал Холокаустот. Ана и Маргот починале од тифус во Берген-Белсен во 1945 година; нивната мајка Едит, починала во Аушвиц истата година.

Во текот на Втората светска војна, девојките Вагнер биле загрижени за сестрите Франк и се прашувале дали се безбедни. „Се сеќавам дека разговаравме за Ана и Маргот и се прашувавме што прават тие“, раскажува Бети Вагнер во видеото. „Не знаевме но секогаш ги споменувавме и мислевме на нив“.

Бети и нејзината сестра не знаеле дека Ана и Маргот Франк биле Еврејки и не можеле да се сетат дека слушнале за Холокаустот за време на војната.

По завршувањето на војната, сестрите Вагнер испратиле писмо на адресата што ја имале кога за првпат се допишувале со Ана и Маргот Франк. Ото испратил одговор, објаснувајќи што се случило со семејството и неговите ќерки.

Ото е причината зошто писмата од Ана и Маргот за Хуанита и нејзината сестра, биле напишани на англиски. Тој го знаел јазикот бидејќи живеел во Њујорк и работел во стоковната куќа Мејси пред да се врати дома во 1911 година. Тој им го превел писмото од сестрите Вагнер, на Маргот и на Ана на холандски јазик; Ана и Маргот ги напишале своите одговори, а потоа Ото ги превел на англиски јазик.

Откако завршиле нејзините училишни денови, Бети ги спакувала писмата и ги чувала. Во 1956 година, Бети слушнала вест за драма, базирана на дневникот на Ана Франк.

„Си реков: 'Тоа е мојата Ана Франк'“. Заедно со нејзината мајка излегле и купиле копии од книгата. „Вечерта ја поминавме читајќи и плачејќи“.

Семејството Вагнер ги чувало во тајност писмата од сестрите. За нив знаеле само роднините и пријателите. Но една вечер, Бети разговарала со пријател кој собирал сувенири од Втората светска војна и му споменала за писмата. Пријателот ѝ посочил дека писмата може да се стават на аукција.

Во октомври 1988 година, „Сван“ аукциската галерија во Њујорк ги продала писмата на Ана и Маргот за 165.000 долари на анонимен купувач. Купувачот ги донирал во Сајмон Визентал центарот во Лос Анџелес, каде што сè уште се чуваат.

Денес, учениците од осмо одделение од училиштето во Денвил учи за Холокаустот. Учениците се вклучени во проект за собирање на 1.5 милиони разгледници од целиот свет во сеќавање на 1.5 милиони деца кои загинале во овој геноцид.

И додека тинејџерите од Денвил учат за геноцидот, уште една лекција ќе биде поблиску до домот: рачно напишано писмо од млада девојка која стана нејзин симбол и чија приказна живее понатаму.

Фото: Instagram