Создаден апарат што ја открива Паркинсоновата болест многу години пред првите симптоми

Создаден апарат што ја открива Паркинсоновата болест многу години пред првите симптоми

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците од австралискиот Институт „Бионик“ создале уред наречен BIRD (Bionic Institute Rigidity Device) со кој може да се открие дали една личност боледува од Паркинсонова болест, години пред да се појават симптомите. Моментално не постојат тестови со кои би се докажала оваа болест. Докторите поставуваат дијагноза врз основа на процена на симптомите, медицинската историја на болестите и преглед.

BIRD, кој е високотехнолошки уред, се прицврстува за средниот прст на пациентот и повеќе пати во период од 30 секунди тој го витка прстот на пациентот. Кога го прави тоа, користи многубројни интегрирани сензори за регистрирање на силата потребна за виткање на прстот. Тоа овозможува објективно мерење на вкочанетоста на мускулите како еден од првите симптоми на болеста.

Колку повеќе сила е потребна за да се свитка прстот, толку се повкочанети мускулите и болеста повеќе напредувала. Програмерите велат дека уредот може да прави разлика меѓу пациенти што боледуваат од Паркинсонова болест и здравите волонтери.

Пронаоѓачот на уредот, д-р Тушар Перера, вели дека во иднина пациентите ќе можат да го користат уредот дома, како што сега се користи апаратот за мерење на крвен притисок или мерачот на шеќер. На тој начин пациентите ќе можат да им ги пренесат резултатите на своите доктори, кои ќе го одредат најдобриот третман на лекување.