„Вселенска ограда“ го следи отпадот од соборениот индиски сателит

„Вселенска ограда“ го следи отпадот од соборениот индиски сателит

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Минатиот месец Индија ги демонстрира своите способности како земја што може да ја истражува вселената и привлече меѓународни критики откако употреби проектил за да разнесе еден нејзин сателит.

Индија стана четвртата земја во светот што има способност да уништи сателит во орбитата со употреба на проектил. Подоцна од НАСА истакнаа дека индиското тестирање на оружјето ги става астронаутите на Меѓународната вселенска станица во голема опасност.

Лансирањето се совпадна со тестирањето на нова технологија за набљудување на вселената на „Локхид Мартин“ наречена вселенска ограда, која може да детектира и да следи нерегистрирани објекти кои орбитираат околу Земјата. Тоа беше среќна околност која би можела да ублажи нанесување штета на луѓе и на опрема во вселената.

Експлозијата на сателитот го претвори во облак од вселенски отпад, кој во иднина може да се судри со други сателити, научни инструменти или астронаути.

- Бевме горе за време на тест на издржливост и бевме многу возбудени кога видовме дека системот функционира - истакна Метју Хаџис, менаџер за бизнис-развој на компанијата.

Иако вселенската ограда не е вистинска блокада во вселената, таа може барем да им помогне на службениците да се подготват и да направат план околу некој судир.