Совет од далај-лама за добар почеток на денот

Совет од далај-лама за добар почеток на денот

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Далај-лама советува како да го започнете секој ден за да станете пољубезни и поемпатични, весели и смирени. Ако сакате да направите нешто повеќе од животот, неговиот совет е медитација.

- Секој ден, взори, размислувајте за тоа колку сте среќни што сте се разбудиле затоа што го имате највредното нешто - животот. Речете си: Ќе ја користам сета своја енергија за раст и развој, за отворање на своето срце за другите луѓе за да постигнам просветлување во корист на сите. Моите мисли ќе бидат ведри и љубезни, нема да осудувам или да критикувам, да се лутам или да размислувам лошо за некого. Мојата цел е да направам сѐ што е во моја можност да користам добра енергија и ќе успеам - вели далај-лама.

За позитивно да го трансформирате своето мислење, наутро започнете со посебна медитација. Ова се шест чекори што далај-лама ги препорачува:

1. Заземете удобна позиција.

Нема ограничување, можете да седнете на стол, да легнете на кревет или на тепих.

2. Почувствувајте го своето тело и опуштете се што повеќе.

Обидете се да ја почувствувате буквално секоја клетка од телото. Опуштете го секој мускул, ослободете се од напнатоста. Вашата задача е да се почувствувате себеси. Само дишете.

3. Сконцентрирајте се на дишењето.

Внимателно следете како вдишувате и издишувате. Забележете сами како воздухот полека влегува во вас, а потоа излегува, како нежно минува низ вас. Не треба да правите ништо намерно, само следете го дишењето.

Не размислувајте за времето, за тоа дали веќе сте вдишале доволно, длабоко или површно сте издишале - дишете природно, како и секогаш. Внимавајте на тоа низ кои делови од своето тело го чувствувате дишењето, како „реагирате“ на тоа.

4. Одвреме-навреме ќе ви се одвлекува вниманието. Тоа е нормално.

Иако ќе се обидете да извлечете максимум од здивот, умот и понатаму периодично ќе ви лута, а мислите ќе ве напаѓаат од сите страни. Тоа е природно. Само прифатете дека тоа се случува и вратете се на здивот.

5. Продолжете да дишете уште 5-7 минути.

Тоа е сѐ што треба да направите. Пробајте да се фокусирате на дишењето.

6. Бидете сигурни дека сте целосно опуштени пред да завршите со медитацијата.

По неколку минути повторно преслушајте ги сите клетки во вашето тело. Ослободете се од напнатоста ако се појави при дишењето и дури потоа можете да завршите со медитацијата.

Извор: Buka
Фото: Pixabay