НАСА стигна до ново големо откритие на Марс
Роверот „Кјуриосити“ на НАСА откри органски молекули на Марс, вклучувајќи ги и хемикалиите што се сметаат за клучни елементи за настанокот на животот на Земјата. Од вкупно седум молекули идентификувани во исушеното езеро во близина на екваторот, пет од нив никогаш претходно не биле забележани на Црвената Планета, објави „Гардијан“.
Анализата што ја спроведе роботскиот ровер не може да потврди дали овие органски соединенија се поврзани со потенцијален древен живот на Марс, дали пристигнале преку метеорити или се резултат на геолошки процеси.
- Веруваме дека набљудуваме органска материја која е зачувана на Марс 3,5 милијарди години - изјави професорката Ејми Вилијамс, астрогеолог од Универзитетот во Флорида и научник во мисијата „Кјуриосити“, додавајќи дека според достапните информации, сè уште не може да се потврди постоењето на живот.
Роверот „Кјуриосити“ од 2012 година го истражува кратерот Гејл, а најновите откритија потврдуваат дека и покрај денешната сурова клима и радијација, на Марс некогаш постоеле услови за живот.
- Марс ги имаше сите предуслови за настанок на живот во исто време кога и Земјата - истакнува професорот Ендрју Коутс од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Научниците беа изненадени што органски соединенија од пред четири милијарди години успеале да опстанат под површината и покрај силното зрачење.
Меѓу детектираните соединенија се издвојуваат бензотиофен и органско соединение со азот чија структура потсетува на претходниците на ДНК.
Професорката Вилијамс нагласува дека тоа се „цигли, а не куќа“, бидејќи таквите молекули можат да се формираат и преку геолошки процеси или да пристигнат со метеорити, токму како што беше случај и на Земјата. Овие наоди го отвораат патот за мисијата „Розалинд Френклин“, планирана за 2028 година, која ќе бара пософистицирани докази за потеклото на органските материи.
Фото: NASA