НАСА ќе ја создаде најниската температура во универзумот користејќи ласери во вселената

НАСА ќе ја создаде најниската температура во универзумот користејќи ласери во вселената

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во потрагата по најниските температури НАСА испраќа апарат во Меѓународната вселенска станица кој ќе создаде точка што ќе биде десет милијарди пати поладна од вакуумот во вселената.

Cold Atom Laboratory (лабораторија за ладни атоми - ЦАЛ) ќе им помогне на научниците да ги набљудуваат чудните квантни карактеристики на ултрастудените атоми.

Комбинација од ласери и магнети ќе биде искористена за ладење и забавување на облак од атоми на само дел над апсолутната нула, односно нула Келвинови степени (-273,15 Целзиусови степени). Апсолутната нула е најниската температура во универзумот и е невозможно да се достигне бидејќи на таа температура атомите прекинуваат да се движат.

Но, ЦАЛ може да олади облаци од атоми на само една десеттина од милијардити дел од степен над апсолутната нула, поради што тие можат да се движат екстремно бавно. Овие облаци се нарекуваат Бозе-Ајнштајнови кондензати. Тие може да се создадат на Земјата, но има една замка - гравитацијата. Таа многу брзо ги влече надолу, па тие може да се набљудуваат само во текот на еден дел од секунда.

Фото: Science Alert

Микрогравитациската околина на Меѓународната вселенска станица ќе го надмине овој голем проблем и ќе им дозволи на научниците на Земјата, кои од далечина ќе управуваат со опремата, да ги набљудуваат атомите до десет секунди.

Ова ќе биде најдолгиот период во текот на кој сме биле во можност да ги набљудуваме овие кондензати. Ова носи неколку научни придобивки. Бидејќи овие кондензати се суперфлуиди - вид течност со нула вискозност - тоа ќе ни помогне подобро да ги разбереме.

- Ако имате суперфлуидна вода и ја свртите во чаша, таа ќе се врти засекогаш. Нема вискозност за да ја забави и да ја растера кинетичката енергија. Ако успееме подобро да ја разбереме физиката на суперфлуидите, можеби ќе можеме да научиме да ги користиме за поефикасен трансфер на енергија - истакна проект-менаџерот на ЦАЛ, Аните Сенгупита.

Ова може да овозможи набљудување на претходно невидени квантни феномени и би можело да помогне во детектирањето и разбирањето на темната енергија, непознатата сила која го забрзува ширењето на универзумот.

- Експериментите што ќе ги правиме со ЦАЛ ќе ни овозможат увид во гравитацијата и темната енергија, едни од најпродорните сили во универзумот - вели научникот Роберт Томпсон.