Лидија Буревска, менаџер за човечки ресурси: Негуваме политика на заемно разбирање, а Бимилк е компанија во која луѓето сакаат да се вработат

Лидија Буревска, менаџер за човечки ресурси: Негуваме политика на заемно разбирање, а Бимилк е компанија во која луѓето сакаат да се вработат

Како изгледа работниот ден на Менаџерот за човечки ресурси на една од најголемите компании за млекопроизводство во Македонија?

Секој ден - нов предизвик и можност да се направат колегите посреќни. Така некако би можела да ја опишам својата утринска мисла пред да дојдам на работното место.

Да се биде чувар на добросостојбата на вработените, особено на компанија како Бимилк, која ги задоволува потребите на повеќе од милион задоволни потрошувачи од сите возрасти, е голем предизвик.

Негуваме политика на взаемно разбирање и почит, па обрнуваме големо внимание во секоја прилика да ги сослушаме нивните потреби, дали имаат некакви проблеми во работната средина или пак, имаат предлози за подобрување во работењето. Токму затоа, голем дел од нашето време, ние, тимот на човечки ресурси го користиме за да се видиме со колегите во опуштена атмосфера („Boudoir”), од каде ќе извлечеме информации кои ги преточуваме во можности за подобрување или ги детектираме како ризици на кои треба соодветно да реагираме.


Моја цел како Менаџер на човечки ресурси е компанијата да има поставени рамки на делување во која ќе го негуваме јадрото на компанијата – нашите вработени и ќе ја препознаваме важноста од одржување на работна средина каде секој вработен ќе се чувствува задоволен, безбеден, правично оценет и соодветно третиран.

Вработените се еден од најсилните атрибути на секоја успешна компанија. Задоволните и среќни вработени од друга страна, сакаат да имаат добри услови за работа, финансиска стабилност, но и нефинансиска мотивација. Што Бимилк им нуди на своите вработени?

Бимилк континуирано работи на унапредување на условите за работа во компанијата. Наша ултимативна цел преточена од Имлек, чиј дел е Бимилк, е да обезбедиме соодветни услови за работа за вработените, кои се добро платени, но и да останеме компанија која е посакувана да се биде дел од тимот.

Вложуваме навистина многу во унапредување на работната средина. Алатките од формална природа, како на пример оние што произлегуваат од компаниските акти, основни услови и средства за работа и сл., се само основата. Бимилк оди неколку чекори понапред и веќе на големо работиме кон надградување на условите и обезбедување на дополнителна опрема која има за цел или да ја олесни или да ја подобри работата и работната средина. Еден од примерите е обезбедување на прочистувачи на воздух во канцелариите, особено каде што имаме вработени кои поголем дел од времето го поминуваат во затворен простор. Понатаму, обезбедување на компјутерска опрема со заштитни фактори, постојано проширување и освежување на зеленилото во дворот на компанијата за вработените да можат да уживаат во својата пауза во здрава средина и уште многу други.

Континуираните вложувања во тренинг и обука за вработените е задолжителна во насока на надоградба на професионалните компетенции на тимот. Колку Бимилк вложува во оваа насока?

Да се има приматот на „трендсетери“ на сите полиња на делување, неопходно е постојано стручно обучување и надградување на знаењето на вработените со теми за најновите техники и технологии.

Во Бимилк се профилираат сите процеси низ одредени стандарди, вработените стануваат "Highly Trained Employees", се стекнуваат со релевантни сертификати кои се навистина звучни и значително можат да ја кренат цената на вработениот во понатамошната кариера. Истовремено, Бимилк континуирано вложува и во доквалификации на вработените, а како корпорација која делува на поголема територија во Европа, навистина помага и размената на искуства и тренинг од поискусните колеги во корпорацијата.

Тимот на Човечки ресурси има за цел и се гордее кога Бимилк станува расадник за професионални кадри од одреден профил, кои остануваат и работат во компанијата долг временски период.

Препознаваме дека соодветните обуки на вработените директно ги сервисираат стратешките приоритети на компанијата. Оваа година започнавме и со обуки на вработените кои имаат цел и интерес да ги зголемат своите компетенции, а со цел да го намалиме евентуалното чувство дека тие можеби не се доволно компетентни или слободни при нивното работење. Затоа, изградивме систем во кој вработените ќе имаат доволна професионална позадина, способности и сигурност да одлучуваат сами.

Дополнително, со цел да им овозможиме на нашиот продажен тим да биде во чекор со најновите техники на продажба, оваа година планираме обука од познатиот тренинг модел „7 навики на успешните менаџери“, а пак за тимот на одржување и набавка постојано овозможуваме посети на саеми или производители каде ќе можат да ги видат последните технологии или пак ќе разменат искуства. Примери има уште многу други.

Сите овие се само дополнителни фактори кои придонесуваат во тоа да се задржат добрите кадри во компанијата и влијаат на мотивацијата на вработениот.

Каков е интересот за вработување на младите во Бимилк? Што Бимилк им нуди на младите за да ја започнат својата кариера во компанијата, но уште повеќе да останат во неа и да ја градат својата кариера во Вашата компанија?

Со гордост можам да кажам дека Бимилк е компанија во која луѓето од различни возрасни категории сакаат да се вработат. Навистина се трудиме, а искрено се надевам и дека успеваме да се позиционираме како компанија во која вработените се задоволни и среќни и компанија во која луѓето сакаат да се вработат.

Оваа година, на големо задоволство морам да потенцирам дека има сериозен интерес од сите заинтересирани страни за канализирање на праксата на младите во компаниите. Ние како Бимилк интензивно се вклучуваме во директна соработка со факултетите и средните училишта за овозможување на пракса на младите.

Неодамна се закитивте со престижно признание за добрите практики во областа на безбедност и здравје при работа. За какви практики станува збор и што Бимилк прави со цел обезбедување на безбедна и сигурна работна средина за сите свои вработени?

Признанието што го доби Бимилк е во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа (БЗР), а е во третата категорија, и тоа за големи претпријатија со над 250 вработени.

Се работи за праксата што компанијата ја применува за подобрување на условите за работа на своите вработени преку набавка и имплементација на опрема која го олеснува редењето на збирни пакувања на палета, со што всушност и се надминува проблемот на оптеретување на работникот и се олеснува целиот процес на редење на палетите. Имено, кај вработениот задолжен за редење на готовиот производ се врши оптеретување на долниот дел од ‘рбетниот столб заради преместување на товарот од исправена позиција – ниско на палетата. Всушност, и покрај насоките за правилно подигање на товарот и посочените граници за максимално оптеретување според возраста и полот на вработените, сепак постои ризик од загрозување на нивното здравје, па овој проблем компанијата го надмина со инсталација на лифтови со кои палетата се подигнува до соодветното ниво и со чија помош се одбегнува дополнителното оптоварување на вработениот.

Оваа пракса беше препознаена од страна на Здружението за заштита при работа на Општина Битола, Битола, Здружението за безбедност при работа 28-ми АПРИЛ, Скопје и Здружението на инженери за заштита ТУТЕЛА, во чија организација е одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, и Бимилк се закити со признанието за добри практики во областа на безбедност и здравје при работата за 2018 година.

Имено, овој проект е само дел од заложбите на Бимилк за обезбедување на безбедна и сигурна работна средина за сите свои вработени по највисоките европски стандарди, па така, постојано работиме и на воведување на нови правилници и програми со цел соодветна евалуација согласно ризиците и мерките за безбедност и здравје при работа, за секоја позиција поединечно. Паралелно со тоа, Бимилк редовно организира тренинзи и обуки за подигнување и освежување на нивото на знаење на своите вработени за ризиците и мерките за безбедност и здравје при работа.