Студентите, сепак, ќе може да полагаат испити на факултетите со физичко присуство

Студентите, сепак, ќе може да полагаат испити на факултетите со физичко присуство

Факултетите ќе може да организираат и предавања, вежби, да спроведуваат форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуална настава во своите простории

Студиските програми и испитите ќе можат да се реализираат и со физичко присуство на факултет, објави денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми.



Откако УКИМ на Ректорската седница оваа недела одлучи да се продолжат јунската и септемвриската сесија, а факултетите ќе можат да ги организираат испитите со физичко присуство на студентите, министерот Адеми на прес-конференција

изјави дека прво е потребно Владата да донесе нова уредба по препорака на Комисијата за заразни болести.

Адеми денеска соопшти дека со цел нормализирање на процесот на студирање, односно реализирање на наставата на вообичаен начин прифатлив за најголем дел од студентите, како и во насока на подигнување на објективноста при проверката и оценувањето на стекнатите знаења, Владата ја дополнила Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба.

- Измените предвидуваат секоја високообразовна установа каде постои можност за целосна примена на веќе изготвениот протокол за полагање испити на високообразовните установи, освен организирање на далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација, да може да организира и реализација на студиските програми и проверка на знаењето со физичко присуство на студентите и професорите, a воедно и преку физичко присуство на вработените да се реализира работата на Стручната служба – соопшти Адеми.

Високообразовната установа во меѓувреме може да организира и предавања, вежби, да спроведува форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуална настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, да организира консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), полагање на испити и колоквиуми, како и одбрана на дипломски, магистерски и докторски трудови во своите простории. Но сите овие мерки да бидат согласно протоколот и сите досега изречени мерки за заштита од коронавирусот.