Научниците се обидуваат да откријат зошто мозокот на денешниот човек е многу помал од оној што го имале предците

Научниците се обидуваат да откријат зошто мозокот на денешниот човек е многу помал од оној што го имале предците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Мозокот на модерниот човек е 13 отсто помал од мозокот на хомосапиенсот кој живеел пред 100.000 години, објавуваат научниците кои не можат да откријат зошто е тоа така.

Традиционално се верува дека големиот мозок е она што ги разликува луѓето од другите животни. Човечкиот мозок е речиси четирикратно зголемен за 6 милиони години откако нашиот вид последен пат имал заеднички предок со шимпанзата. Сепак, новите истражувања сега покажуваат промена во трендот: черепите на мажите и жените денес се за 12,7 отсто помали од оние на нашите предци во последната ледена доба.

Како може да се објасни тоа? Палеоантропологот Иан Татерсал од Американскиот музеј за природна историја во Њујорк вели дека намалувањето на мозокот започнало пред околу 100.000 години, што одговара на временскиот период кога луѓето преминале од поинтуитивен стил на размислување на она што тој го нарекува „симболична обработка на информации“.

- Бидејќи помалите и подобро организирани мозоци можеле да вршат посложени пресметки, метаболички поголемите мозоци едноставно станале непотребни. Ова било време кога луѓето почнале да произведуваат симболични артефакти и гравури со значајни геометриски слики - вели Татерсал, кој верува дека главниот катализатор за оваа промена е спонтаниот изум на јазикот.

Ова довело до реорганизација на нервните патишта во мозокот на метаболички поефикасен начин.

- Се чини дека нашите претходници веројатно обработувале информации на некаква основа на брутална сила. Во овој контекст, интелигенцијата била во сооднос со големината на мозокот. Значи, колку е поголем вашиот мозок, толку повеќе сте извлекле од него. Но, човекот денес размислува на поинаков начин. Го деконструираме светот околу нас во речник на апстрактни симболи и повторно ги составуваме тие симболи за да поставуваме прашања како „Што ако?“ - додава тој.

Џеф Морган Стибел од Природонаучниот музеј во Калифорнија смета дека падот започнал уште порано. Тој верува дека нашите помали мозоци можат да се објаснат со климатските промени. Во истражување од 2023 година, тој ги анализирал черепите на 298 хомосапиенси од последните 50.000 години и открил дека човечкиот мозок почнал да се намалува во последните 17.000 години. Кога ги прегледал податоците за климата, открил дека намалувањето на големината на мозокот било поврзано со периоди на затоплување на климата.

- Она што го видовме е дека колку е потопла климата, толку е помал мозокот кај луѓето, а колку е постудена, толку е поголем мозокот - објаснува Стибел, наведувајќи дека помалите мозоци можеле да им дозволат на луѓето брзо да се оладат.

- Денес, ако ни е жешко, можеме да облечеме маица на кратки ракави, можеме да одиме на базен или да пуштиме клима-уред, но пред 15.000 години овие опции не биле достапни - вели Стибел.

Извор: Novilist.hr
Фото: Freepik