Сведоци сме на некои од најсилните аурори во последните 500 години

Сведоци сме на некои од најсилните аурори во последните 500 години

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Засилените аурори низ целиот свет овој месец беа уште повпечатливи отколку што мислевме.

Поларната светлина ги воодушеви љубителите на небото низ целиот свет, со оглед на тоа што се појави во многу делови од планетата Земја.

- Луѓето известуваа дека успеале да видат аурора бореалис до 26 степени магнетна географска ширина, така што оваа неодамнешна бура може да им парира на аурори на најниска географска ширина во последните пет века - велат претставници на НАСА.

 
- Малку е тешко да се мерат овие бури со текот на времето со оглед на тоа што технологијата постојано се менува. Видливоста на аурора не е совршената мерка, но ни овозможува да ја споредуваме низ годините - вели Делорес Книп, истражувачки професор на Универзитетот „Болдер“ во Колорадо.

Овие феномени обично се видливи помеѓу 60 и 72 степени северна и јужна географска ширина, со што се ставаат во рамките на Северниот и Јужниот Поларник. Но, на 10 мај живите бои мигрираа поради ретката геомагнетна бура Г5 што ја ослободи нашето хиперактивно Сонце неколку дена претходно.

 
Помеѓу 3 и 9 мај, опсерваторијата за соларна динамика на НАСА каталогизира 82 забележливи сончеви блесоци кои доаѓаа од два активни региони на Сонцето. Овие кластери од сончеви дамки станаа толку сложени што еруптираа постојано во текот на неделата. Почнувајќи од 7 мај, најмалку 7 коронални масовни исфрлања се упатија кон Земјата и почнаа да ја напаѓаат нашата планета на 10 мај, кога беа забележани најсилните аурори.

Оваа бура беше толку интензивна што американската Национална океанска и атмосферска администрација, која ги предвидува соларните бури и нивното влијание врз нашата планета, издаде предупредување за бура првпат по речиси две децении.

 
Твитовите и извештаите поврзани со поларната светлина се собираат во мапа и се проверуваат со помош на граѓански научници. Секој потврден извештај потоа станува податочна точка за научниците да ја проучуваат и потенцијално да се вклучат во вселенските временски модели.

Извор: Space.com
Фото: Instagram