Повеќе гостиварски училишта се со еднојазични табли, Таравари не ги поставил, ама ќе ги менува

Повеќе гостиварски училишта се со еднојазични табли, Таравари не ги поставил, ама ќе ги менува

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Од пиар-службата на градоначалникот Таравари потврдија дека има кршење на законот и дека таблата во ова училиште мора да е двојазична

Ќе се менува таблата со називот на Основното училиште „Форина“ во гостиварското село Форино која е испишана само на албански јазик. Ова ни го потврди градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој вели дека таа е поставена од претходната локална власт.
- Ова не е нова табла. Секако дека сѐ што е незаконски мора да се исправи. Преземаме чекори за да се реши овој проблем – изјави Таравари за Факултети мк.
Од пиар-службата на градоначалникот Таравари потврдија дека има кршење на законот и дека таблата во ова училиште мора да е двојазична.
- Веќе е нарачана нова табла, двојазична, на македонски и на албански јазик, и ќе биде поставена во најскоро време. Ова не е единствена табла што е еднојазична, ги има во повеќе училишта. Сите се поставени од претходниот градоначалник и ние наскоро ќе ги смениме – велат од службата.


Фотографијата објавена на страницата на Општина Гостивар

На страницата на Општина Гостивар вчера се појави фотографија на Таравари пред училишната зграда во основното училиште во селото Форино на која се гледа дека името на школото е напишано само на албански јазик. Ова е незаконски бидејќи таблите на училиштата треба да се двојазични.
Повеќе медиуми објавија дека Таравари отворал училиште со табла на албански јазик, но тој присуствувал на настан на кој најавил отворање на нови градинки.
- Училиштето во селото е изградено пред четири години, таблата е стара четири години. Таравари на овој настан најави отворање на нови градинки – велат од неговата служба за односи со јавност.

Од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) велат дека досега никој не доставил преставка во однос на овој случај и дека ако добијат, ќе постапат согласно надлежностите.
- Името на училиштето е регулирано со внатрешните акти на училиштето и актите за основање на училиштето. Истакнатите називи треба да бидат во согласност со основачкиот акт и во согласност со Статутот. Доколку тоа не е така, надлежност за тоа имаат локалната самоуправа како основач на училиштето и Министерството, кое дава верификација на училиштето - велат од ДПИ.