Највозбудливите велосипедски проекти во светот

Највозбудливите велосипедски проекти во светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Дали некогаш сте возеле низ езеро или под дрвја високи 10 метри? За повеќето велосипедисти, одговорот би бил „не“, но сето тоа би можело да се промени.

Второто велосипедско-архитектонско Биенале во Амстердам вклучува напредни размислувања, креативни и чудни инфраструктурни проекти чија цел е да ги охрабрат луѓето да се свртат кон велосипедите.

- Преку презентирање на најдинамичните визуелни решенија, ова Биенале инспирира нови начини на размислување за тоа како треба да изгледаат градовите на иднината - вели Адам Стоунс, од компанијата „Бајкс“.

И покажувајќи што е можно, тоа ќе доведе до покреативни решенија што би можеле да се спроведат - додава тој.

„Бајкс“ е организацијата зад Биеналето и има за цел да го смени начинот на размислување на луѓето така што половина од урбаните патувања ќе им припаднат на велосипедите до 2030 година.

Ова се некои од проектите што го ставаат велосипедизмот во срцето на градовите од иднината.

1. Најголемиот паркинг за велосипеди во светот се наоѓа во Холандија


Велосипедизмот е начин на живот во Холандија. Во Утрехт, 43 отсто од сите патувања им припаѓаат на велосипедите. Бројот на велосипедисти се зголемува, а со тоа се зголемува и потребата некаде да паркираат и тоа да биде безбеден и погоден паркинг.

Затоа, градот го изгради најголемиот паркинг за велосипеди со простор за 12.500 велосипеди, затворени рампи за лесен пристап и дигитален систем за насочување на велосипедистите на празните места. Со дополнителни паркиралшта, градот има за цел да го зголеми капацитетот до 33.000 места до 2020 година.

2. Во Белгија, велосипедистите може да возат велосипед „низ вода“

езеро
Фото: Tourism Limburg

Велосипедистите во Лимбург во Белгија може да имаат уникатно искуство возејќи низ велосипедската патека специјално дизајнирана што го пресекува езерото Бокријк.

Патеката наречена „Возење велосипед низ вода“ е 3 метри широка, а висината е поставена да биде на исто ниво со очите на велосипедистите, овозможувајќи им на возачите да уживаат во друштво на лебедите и другите птици додека возат преку езерото.

3. Лимбург созаде начин за возење низ врвовите над дрвјата


Во истиот белгиски град, Лимбург, дизајнирана е велосипедска патека што ги носи велосипедистите нагоре, на врвот на дрвјата низ густата шума речиси 10 метри над земјата.

pateka
Фото: BURO Landschap

Патеката е дел од мрежата на велосипедски патеки што го опфаќаат регионот Де Вижер, што ги охрабрува велосипедистите да се поврзат со природата.

4. Окленд има изградено велосипедска патека над градот


Окленд гради велосипедска воздушна патека над зафатените патишта низ градот, создавајќи безбеден начин за жителите да влезат во центарот на градот.

Првата фаза од проектот го претвори застарениот автопат во светло-розева, најсовремена воздушна патека, што поминува низ центарот на автопатот во Окленд и се поврзува со постоечката велосипедска мрежа на градот.

5. Најдолгата подигната велосипедска патека се наоѓа во Кина


Над патиштата во Ксиамен, се протега најдолгата подигната велосипедска патека, долга 7,6 километри. Со капацитет за 2.000 велосипеди за време на сообраќаен метеж и со поени за оние кои изнајмуваат велосипед, новата патека треба да го намали застојот на патиштата и да ги охрабри луѓето да почнат да возат велосипеди.