Париз им објави војна на електричните тротинети

Париз им објави војна на електричните тротинети

Подготвил: Билјана Арсовска

Париз им објави војна на електричните троотинети по хаотичната година во која 12 стартапи ги преплавија улиците на градот со овие возила.

Француската престолнина има 12 оператори со тротинети, што е повеќе од САД, а според последните истражувања, тие управуваат со околу 20.000 мали возила на две тркала.

Оштетните тротинети завршуваат во некој од парковите или се фрлаат во Сена, а градските тротоари станаа борилиште за возачите на тротинети и пешаците.

Градоначалничката Ан Идалго истакна дека електричните тротинети упаднале во сивата правна зона и дека по повеќе жалби и инциденти, градската управа и полицијата сакаат да ја ограничат брзината на тротинетите на 20 километри на час во повеќето подрачја, како и на само 8 километри на час во квартовите каде има густ пешачки сообраќај, како и да го забранат оставањето на тротинетите каде било, освен на означени места.

Идалго исто така планира да го ограничи бројот на оператори на три и да го ограничи бројот на тротинети кои операторите ги изнајмуваат.

Градот веќе изрекува парична казна од 135 евра за возење на тротинет по тротоар и казна од 35 евра за паркирање на тротоар. Градот им наплаќа одредена сума на пари и на оние кои изнајмуваат тротинети доколку нивни расипан тротинет биде отстранет од страна на општинските работници.

-Потребни ни се ред и правила за да се осигура безбедноста на улиците - истакна Идалго.

За Изабел Банбрабан прописите стасуваат доцна. Таа минатиот месец си одела пеш накај дома преку централниот плоштад кога возач на електричен тротинет ѝ наишол од зад грб, соборувајќи ја и продолжувајќи си по патот. Изабел паднала на десната рака и има неколку фрактури. Таа го повикала возачот да се врати и да повика помош, но тој не го сторил тоа.

Според истражување на француската владина агенција за транспорт, околу една третина од возачите на тротинети во Франција се странски туристи.